Утрински Весник
Култура

Изложба „Современа скулптура“ на Друштвото на ликовните уметници

Изложба „Современа скулптура“ на Друштвото на ликовните уметници

Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ), под покровителство на Министерството за култура, ја поставува изложбата „Современа скулптура“ во Уметничкиот центар АРТ ХАБ во ГТЦ 2 во Скопје, што љубителите на уметноста ќе може да ја видат од 25 февруари до 8 март 2021 година, во работното време на галеријата (од понеделник до петок, од 10 до 17 часот).

Годинава, селектор на изложбата „Современа скулптура“ е историчарот на уметност Благоја Варошанец, која во својот текст ќе истакне:

„Анализите на современата скулптура како дел од континуираните изложби на Друштвото на ликовните уметници на Македонија покажуваат дека изложбата ‘Ситна пластика’ од почетокот на 80-тите години на минатиот век подоцна еволуира во ‘Современа скулптура’ и има несекојдневна и необична приказна, односно историјат директно поврзан со начинот на нејзиното конституирање, но и со начинот на нејзината изложбена интерпретација. Современата македонска скулптура од самите почетоци на модерниот израз ги носи сите атрибути на жива менлива материја, која дава можност за разни варијации во изложбената поставка.

Скулптурата ја следиме преку стилската аналогност, разновидните истражувања на уметниците и нивните индивидуални стремежи, но и како медиум за интерпретација и дејствување во разни правци во уметноста. Аналогноста на изразот во контекст на разни ликовни правци нуди разновидност како во техниката така и во материјалот. Динамиката на размислување прикажува разни приоди на модулации при чинот на создавање – вајање. Интензитетот на постоењето на скулпторот му ја открил вистинитоста на формата, а формата е менлива до хегемонија на постмодерната.

Од пластичност до фрагменти, визуелни сензации на разни медиуми, скулптурите доведуваат до поместување на уметничките дисциплини, а материјалот го одредува обликот. На оваа изложба доминираат фигуративната скулптура и геометриската апстракција. Структуралните моменти, пак, прават јасни разлики кај оние скулптури со вајарска природа и оптичка чувствителност кај некои од скулптурите што припаѓаат на некој простор кој продолжува во некој друг. Тие го ослободуваат вајарството од претставувањето и го утврдуваат како слободна форма. Доминираат творби од метал, дрво, бронза, пластика, но и објекти што се доближуваат до цртеж, инсталација“.

На изложбата учество ќе земат: Александар Јанев, Ана Димчевска-Семенпеева, Ангел Димовски-Чауш, Ива Станковска, Љупчо Бојаров, Маја Танева, Марина Цветановска-Мартиновска, Перо Кованцалиев, Сашо Саздовски, Слободан Милошески и Златко Бојковски.

На изложбата се доделува една парична награда од семејството на нашиот истакнат скулптор Боро Митриќевски, која што го носи неговото име. Оваа година добитник на наградата е скулпторот Слободан Милошески за делото со наслов „Воздигување“.

Текстот Изложба „Современа скулптура“ на Друштвото на ликовните уметници е превземен од МАКФАКС.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“