Утрински Весник
Македонија

Османи: Северна Македонија ги чувствува последиците од неуспехот на механизмите за снабдување со вакцини

Османи: Северна Македонија ги чувствува последиците од неуспехот на механизмите за снабдување со вакцини

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи учествуваше на онлајн министерскиот состанок на Алијансата за мултилатерализам што на иницијатива на министрите за надворешни работи на Франција, Жан Ив Ле Дриан и на Германија, Хаико Мас, се одржува на маргините на Високиот сегмент на 46-та сесија на Советот за човекови права на ООН.

„Република Северна Македонија, со целосно потпирање врз мултилатералните механизми во обезбедувањето на вакцини, ги чувствува последиците на севкупниот неуспех да се спроведе во дело она за што силно се залагаме на зборови”, истакна Османи.

Потенцирајќи дека мултилатерализмот останува единствениот можен начин за справување со глобалните предизвици, во своето излагање, Османи посебно се осврна на влијанието на пандемијата со Ковид-19 врз продлабочувањето на постојната нееднаквост меѓу развиените и земјите во развој, како и врз нарушувањето на човековите права во глобален контекст.

Во делот на дискусијата на тема „Новите предизвици за човековите права, подготвеноста и одговорот за справување со пандемијата”, тој ја нагласи неможноста за еднаков пристап до вакцините како дополнителен фактор што ги влошува состојбите.

Алијансата за мултилатерализам претставува важен форум за промовирање на заеднички солуции за глобални предизвици преку зајакнување на мултилатералната соработка. Формирана на иницијатива на францускиот и германскиот министер за надворешни работи во 2019 година, оваа неформална алијанса е отворена за земји што веруваат дека мултилатерализамот е единствена гаранција за меѓународна стабилност и мир, со решавање на предизвиците преку соработка.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Стипендии за студенти на УКЛО од семејства со ниски приходи

До петок стабилно и сончево – викендов снег

Мајката-херој се борела со стерилитет, во бракот со сопругот 37 години се труделе да добијат деца