Утрински Весник
Македонија

ВМРО-ДПМНЕ собира потписи против пописот, од СДСМ велат дека тоа е очаен потег на Мицкоски

ВМРО-ДПМНЕ собира потписи против пописот, од СДСМ велат дека тоа е очаен потег на Мицкоски

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека над 25.000 граѓани за три часа му кажале „не“ на премиерот Зоран Заев за фалсификат попис. Од партијата наведуваат дека потписи се собираат на повеќе од 300 пунктови во државата, а граѓаните масовно излегле, не стравувајќи да го кажат својот став.

„Доколку Зоран Заев има барем малку доблест по денешната порака која му ја упатија граѓаните, ќе го повлече Законот за попис. Народот јасно кажа дека не е предмет за политички поткусурувања. Народот не е на пазар за некој со него да подмирува сметки. Тоа што Заев го договорил како коалициски договор, нека најде друг начин да си го подмири. Пописот не смее да биде политичка, туку статистичка операција“, велат од партијата.

Како што додаваат, Заев има можност да ја прифати подадената рака од ВМРО-ДПМНЕ и да организира електронски попис, за да се добие реална слика за бројот на населението, густината, верската, етничката и друг вид на припадност.

„Со спроведување на електронски попис државата ќе има јасни податоци врз основа на кои ќе може да се прават среднорочни и долгорочни стратегии“, додава ВМРО-ДПМНЕ.

Владејачкиот СДСМ утрово преку соопштение реагира дека ова се очајни обидите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за собирање на партиски потписи, но нема да го спречат одржувањето на пописот.

„Иницијативата за собирање партиски потписи против Законот за попис нема да го спречат овој процес важен за граѓаните и за иднината на државата. Овој потег на Мицкоски е само за внатрепартиска употреба и за исполнување на сопствени хирови“, велат од СДСМ.

Пописот кој ќе се одржи оваа пролет, ќе биде спроведен согласно сите меѓународни стандарди и конечно, како држава ќе имаме целосни, прецизни и релевантни податоци кои ќе послужат за креирање на издржани долгорочни политики за развој, додава владејачката партија.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Сончево со мала до умерена локална облачност, претпладне магла по одделни котлини

Минчев: Имаме преголема и пребавна јавна администрација, работиме на нејзино кратење

Кичево – Охрид ќе биде завршен до крајот на 2026 година, ветува Николоски