Утрински Весник
Свет

Во Србија стигнаа 150.000 дози на „Астра Зенека“

Во Србија стигнаа 150.000 дози на „Астра Зенека“

Вакцината против коронавирус произведена од компанијата „Астра Зенека“ пристигна во Србија.

Во првиот контингент беа доставени 150.000 дози.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави дека од утре вакцината ќе им биде достапна на граѓаните.

Вучиќ го пречека авионот со вакцините на „Астра Зенек“ на аеродромот „Никола Тесла“ нешто пред осум часот.

Тој рече дека вакцините пристигнале од Истанбул, нагласувајќи дека Србија, заедно со Обединетите Арапски Емирати, е единствената земја што има повеќе од три вида вакцини на располагање.

„Потребно беше многу напор, но успеавме благодарение на нашите пријатели од Велика Британија и Индија. Го молев (британскиот премиер) Борис Џонсон и некои други луѓе, да не откривам баш сè. Им благодарам за поддршката и вниманието што и го посветија на малата Србија“, рече Вучиќ пред новинарите на аеродромот.

Како што додаде, вакцината на „Астра Зенека“ била набавена по најповолна цена.

Тој посочи дека е потребно да се забрза вакцинацијата и дека придобивките од вакцините ќе почнат да се чувствуваат уште во март.

Британската амбасадорка во Србија, Шан Меклеод, рече дека е горда што вакцината Астра Зенека е развиена на Универзитетот во Оксфорд, а во нејзината развој учествувале и млади научници од Србија.

„Очекувам вакцината да биде достапна ширум светот и да даде надеж во борбата против коронавирусот“, рече амбасадорката.

Досега се користат три вакцини во Србија – Фајзер / Бионтек, Спутник V и Синофарм. Вакцината Астра Зенека, произведена во соработка со Универзитетот Оксфорд, беше одобрена во ЕУ кон крајот на јануари.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Израел прифати примирје со Хезболах

Телефонски разговор Трудо-Трамп – 24info.mk

Три тела извлечени од потонатиот туристички брод во близина на брегот на Египет