Утрински Весник
Македонија
300x250 opst2

Последните количини хемикалии од ОХИС заминаа на уништување, линданот сè уште чека

Последните количини хемикалии од ОХИС заминаа на уништување, линданот сè уште чека
Img 7972

Десет тони опасни хемикалии од ОХИС заминаа на безбедно уништување во инсенераторот во Лион, Франција. Тоа беа последните количини хемикалии, кои во текот на речиси две години беа препакувани и изнесени од кругот на фабриката и транспортирани до три локации низ Европа, каде што се безбедно уништени.

Со последниот, петти, извоз и официјално завршува „Проектот за безбедно отстранување на хемиски материи од локации и производни погони во кругот на АД „ОХИС“ кој го реализираше фирмата „Екоцентар 97“. Досега, во инсенераторите завршија вкупно 64 тони опасни хемикалии, во кои имаше метанол, акрилонитрил мономер, но и непознати хемикалии, кои во дворот и во зградите на некогашната хемиска фабрика лежеа повеќе децении и беа огромна опасност за здравјето на луѓето и за животната околина.

Фото: Државен инспекторат за животна средина

„На 19 февруари, во кругот на ОХИС, се изврши утовар на опасен хемиски отпад, односно, 4,6 тони иницијатори, хемикалии со познат состав, и 5,2 тони хемикалии со непознат состав во камиони што ги исполнуваат соодветните услови за транспорт на опасен отпад, со што продолжи чистењето на една од жешките еколошки точки во државата. За оваа активност беа известени сите компании што вршат дејност, така што, во текот на утоварот беше воспоставен посебен режим и забрани за движење на лица и возила во кругот на ОХИС. Отпадот се упати кон постројката за уништување во Франција, а Државниот инспекторат за животна средина констатираше дека постапката на отстранување на отпадните хемикалии во кругот на ОХИС беше успешно завршена“, информираа од Државниот инспекторат за животна средина.

На почетокот на октомври лани комплетно беше завршена и постапката за извоз и безбедно транспортирање и на 13 тони од опасниот винил хлорид мономер, кој замина на уништување во инсенератор во Германија. Претходно, во 2019 година во април, откако беа санирани садовите под притисок со хлор, 81 боца и еден контејнер, беа испратени во специјализирана компанија во Србија каде што се санираа оштетените вентили, а хлорот беше извлечен со дегазација и истретиран. Садовите беа исчистени од остатоците од хлор, а потоа вратени во ОХИС.

Фото: Државен инспекторат за животна средина

Потоа беа реализирани четири од вкупно пет планирани извози на опасниот отпад. Во јануари лани беа извезени 16,7 тони опасен отпад од метанол и акрилонитрил мономер  и 17 тони опасен отпад од метанол, потоа во февруари, 16 тони опасен отпад од метанол, акрилонитрил и отпад од хемикалии со непознат состав и во март, 14 тони непознати хемикалии.

Сепак, проблемот со ОХИС и историското загадување не е целосно надминат. Останува предизвикот за чистење и санација на депониите на линдан, како и рехабилитација на почвата и подземните води.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

ФЗО ќе ги презентира активностите за измени на Правилникот за плаќање на услугите во примарната здравствена заштита

Студено со дожд, снег на планините и на повисоките места

Струмичките пожарникари синоќа изгаснаа голем пожар во магацини на комуналното претпријатие