Утрински Весник
Свет

Русија одобри и трета вакцина против коронавирусот

Русија одобри и трета вакцина против коронавирусот

Русија денеска одобри и трета вакцина за домашна употреба, изјави премиерот Михаил Мишустин за државната телевизија, иако масовните клинички испитувања на „Ковивак“ произведена од Центарот Чумаков сè уште не се започнати.

Во Русија веќе се регистрирани две вакцини проти коронавирус – Спутник В развиена од Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија Гамалеја и Епивак на Државниот истражувачки центар за вирусологија и биотехнологија Вектор во Новосибирск.

И во претходните два случаи, Русија зазеде сличен став, одобрувајќи ги вакцините пред да бидат заклучени конечните резултати од клиничките испитувања, предизвикувајќи сомнеж кај некои западни научници.

Спутник В доби зелено светло во август, а третата фаза на клинички испитувања започна во септември. Масовната вакцинација започна во декември, а прелиминарните резултати покажаа дека вакцината е ефикасна 91,4 проценти.

Со првата доза од Спутник В досега вакцинирани се повеќе од два милиона Руси.

Воведувањето на втората вакцина, Епивак, штотуку започна.

„Русија денес е единствената земја во светот со дури три вакцини против Ковид-19“, рече премиерот Мишустин.

Ковивак се дава во две дози во рок од 14 дена. Се транспортира и чува во нормална температура на ладилник, од два до осум Целзиусови степени.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Билд: Германската влада ќе обезбеди средства за дополнителни 10.000 војници до крајот на годината

Хутите се закануваат дека ќе нападнат американски бродови ако Вашингтон се вклучи во израелските напади врз Иран

Балон на топол воздух се запали во Бразил, осум лица загинаа