Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, односно противници на раководењето на Христијан Мицкоски со партијата, како и неговите политики денеска го повика претседателот на партијата да се појави на 17-от Вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ што го свика иницијативата за промени. Истовремено го повикаа да објасни дали навистина обезбедил парламентарно мнозинство. Тие, исто така, му порачаа на Мицкоски дека партијата има обврска да ги врати загубените 150.000 гласови што „испариле“ од изборите во 2016 до изборите во 2020 година.
„Без сплотена и обединета ВМРО-ДПМНЕ, власта ќе продолжи да се чувствува комотно, а нејзината неодговорност ќе оди на штета на сите граѓани и државата. ВМРО-ДПМНЕ треба да биде пример како се работи отчетно и одговорно. Тој пример треба да го покаже сѐ уште актуелниот претседател Христијан Мицкоски со појавување пред делегатите на вонредниот конгрес закажан за 28 март во Скопје. Неговото одбивање да се соочи со сопартијците кои му ја дадоа довербата на вонредниот конгрес во Валандово, може да биде оправдување за секое идно неодговорно однесување на власта“, велат противниците на Мицкоски.