Утрински Весник
Култура

Погледнете ја листата на најпродавани книги за 2020 година од издавачката куќа „Арс Ламина“

Погледнете ја листата на најпродавани книги за 2020 година од издавачката куќа „Арс Ламина“

Книгата „Е, баш ме заболе“ од Марк Менсон и популарниот серијал „Хари Потер“ од Џ. К. Роулинг се најпродавани изданија за 2020 година на издавачката куќа „Арс Ламина“ во категориите дела за возрасни, односно книги за деца и младите читатели.

Додека, на листата на стручна литература на првата позиција се најде „Атлас на човечката анатомија“ од Френк Х. Нетер, а станува збор за дело кое содржи светски познати, извонредно јасни прикази на човечкото тело со клиничка перспектива.

На листата на најчитани книги за минатата година за возрасните читатели, веднаш зад „Е, баш ме заболе“ од Менсон, која е и интернационален бестселер, се најде „Сè е зае*бано“ од истиот автор во која тој не нè замајува со глупости од типот дека треба постојано да бидеме „позитивни“ за да станеме подобри и посреќни луѓе. На третата позиција е „Тито, мојот претпоследен херој“ на Зоран Спасов-Ѕоф во која Тито на својата смртна постела раскажува за сите негови тајни, дилеми, покајанија и љубови, а тоа не го зборува на својот биограф Владимир Дедиер, туку на еден млад лекар од Македонија. Меѓу најпродаваните дела е и „Тошо Малерот: Монологија“ од Васко Тодоров каде што се наоѓаат монолозите на неговото алтер-его Тошо Малерот. Книгата „Зошто јас?“ на Мартин Јованоски во која авторот зборува за својата борба со анксиозноста и паничните напади е на петтото место на најпродавани книги. Додека на следната позиција е „Зен – уметноста на едноставното живеење“ во која преку јасни и практични лекции што се учат лесно – по една на ден во текот на сто дена – познатиот будистички свештеник Шунмио Масуно евоцира мудрост стара со векови за да покаже како да ја применуваме суштината на зен-будизмот во модерното живеење. Делото „Исповеди“ од Колин Хувер, кое годинава „Арс Ламина“ го објави во ново издание и со нова корица, е книга на најпродаваната авторка на „Њујорк тајмс“, која во овој роман раскажува за ризикување сè поради љубов – и за пронаоѓање на своето срце некаде помеѓу вистината и лагите. Автобиографијата на поранешната прва дама Мишел Обама „Becoming: Мојата приказна“ е на осмото место на најпродавани книги за возрасни од „Арс Ламина“, а воедно беше и на листата на најбарани дела и минатата година. Следна е „Астрофизика за луѓе кои немаат време“ од човекот кој го реизмисли познатиот серијал „Космос“, Нил Деграс Тајсон, а на десетто место е „Мала книга на Хиге“ каде се зборува за тоа како да се ужива во малите работи во животот.

На листата изданија за деца и млади, веднаш зад серијалот „Хари Потер“ на Џ.К. Роулинг се наоѓа „Збунети години“ од авторот Велко Неделковски, во која илустрациите се на Здравко Гиров.

Ова е роман во кој две момчиња кои се различни во поглед на социјалниот статус, изгледот и карактерот, ќе се обидат да освојат едно девојче со плетенки и црвени образи. „Пајажината на Шарлот“ од Елвин Брукс Вајт, која воедно со години наназад е и една од омилените детски лектири е на третото место. Симпатичната приказна „Хотел за кучиња“ од Лоис Данкан исто така е една од најсаканите лектири за основно образование е на четвртата позиција, а веднаш потоа е „Другарска азбука“ од Снежана Петрова-Џамбазова, сликовница што упатува во светот на буквите, на пишувањето и на запознавањето со кирилското писмо. Во неа, на забавен и шаренолик начин, преку римувани строфи, децата дознаваат повеќе за другарството, за заемните игри, понекогаш и за работните задачи на момчињата и девојчињата, чии имиња почнуваат со иста буква. Новите изданија од серијалот „Исидора Мун“ од Хариет Мункастер говорат за девојчето која е половина вампир, половина самовила, но е целосно уникатна. Картонската сликовница „Волшебна ноќ во шумата“ од Билјана Црвенковска е на седмото место на најпродавани книги за деца, а веднаш зад неа е „Мојата прва книга со зборови“ од истата авторка која е наменета за најмалите дечиња, за преку неа да ги научат првите поими и да се запознаат со светот околу нив. Меѓу 10 најпродавани дела за деца и за млади е и „Кифличката Мирна“ од Оливера Ќорвезировска, а и серијалот сликовници „Авантурите на Дина и Додо“, братче и сестриче кои сакаат авантури.

Во категоријата стручна литература, најпродавано дело е „Атлас на човечката анатомија“ од Френк Х. Нетер, а на второто место е „Реторика“ од д-р Јован Андоновски во која фокусот е на подобрување на вештината на говорниците што се обидуваат да информираат, убедат или да мотивираат определена публика во специфични ситуации. „Дидактика на јазичното подрачје“ од проф. д-р Јасмина Делчева – Диздаревиќ е на третата позиција на најпродавани стручни книги. Ова издание не е само учебник наменет за идните педагози и наставници туку и дело за секој што сака да ги открие основните принципи на наставата по мајчин јазик. Меѓу најпродаваните дела од стручната литература е „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“ од Владо Димовски и Јордан Јорданоски. Станува збор за практичен прирачник наменет за стручните работници во институциите што се занимаваат со артикулативно-говорна и јазична проблематика, за дефектолошките и филолошките образовни институции, за родителите чии деца имаат артикулативно-говорни тешкотии, за стручните работници од предучилишните воспитно-образовни установи, за работници што настапуваат професионално преку масовните медиуми, како и за секој љубопитен за оваа област. На петтото место на најпродавани книги е „Да се почне одново“ од театрологот и универзитетски професор Драган Клаиќ, а ова дело се занимава со прашањето „Како театарските куќи, трупи, простори, фестивали, студии, како и инфраструктурата која ги поддржува, може да се одржат во конкуренција со комерцијалната забава?“. Преводот на ова исклучително важна книга во сферата на театарот е на пензионираната професорка на Факултетот за драмски уметности, Јелена Лужина. На листата на 10 најпродавани дела во категоријата „стручна литература“ е и „Прагматика: јазик и комуникација“ од авторките Марија Кусевска и Елени Бужаровска. Книгата е насочена кон релативно нова научна дисциплина што го проучува јазикот од гледна точка на неговите корисници и го продлабочува разбирањето на природата на комуникацијата и ја подига свесноста за начините на користење на јазикот. На седмото место е „Најстар стил на македонско народно пеење“ од проф. д-р Ѓорѓи Ѓоргиев, опсежна студија на најстариот слој на македонската вокална традиција, преку музички примери, собирани со децении и забележувани во нивната најизворна форма. На следната позиција е „Преглед на класични автомобили“ од Мајкл Горман во која се навлегува длабоко во светот на најценетите автомобили на светот. На деветто место на најпродавани книги од категоријата стручна литература е „Вежбање со отпор за посебни популации“ од Ан Свонк и Патрик Хагерман во која се посочени програми за вежбање за луѓе кои сакаат да ја подобрат општата здравствена состојба без разлика на годините. Додека на крајот од листата на најпродавани книги во категоријата „стручна литература“ е „Македонија и Балканот: либерален поглед на национализмот и идентитетите“ од Благој Цонев. Ова дело претставува плод на шестгодишно истражување за влијанието на национализмот, идентитетите и културата во односите помеѓу балканските држави.

Сите книги може да се најдат во книжарниците „Литература.мк“ или да се нарачаат онлајн на www.literatura.mk

Текстот Погледнете ја листата на најпродавани книги за 2020 година од издавачката куќа „Арс Ламина“ е превземен од МАКФАКС.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“