Најголем број од граѓаните би се вакцинирале со руската вакцина „Спутник“, покажа анкетата спроведена од истражувачкиот центар на новинската агенција „Макфакс“.
Станува збор токму за вакцината за која нема најава дека некогаш ќе пристигне во земјава, иако истата ѝ беше понудена на Македонија, како што потврди и рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Баздникин.
На прашањето „Која вакцина би ја избрале против Ковид-19“, третина од анкетираните граѓани се определиле за руската вакцина, но голем е процентот (29,3%) и на оние кои изјавиле дека не би избрале ниту една вакцина и дека нема да се вакцинираат.
Петнаесет проценти од анкетираните граѓани се изјасниле дека би се вакцинирале со кинеската вакцина „Синофарм“, за која министерот за здравство Венко Филипче најави дека со 200.000 дози во февруари ќе стартува масовното вакцинирање во земјава.
Повеќе од 11 проценти од анкетираните би се вакцинирале со вакцината „Фајзер“, која и првично беше најавувана дека ќе пристигне во земјава, пред да настане дефицит од истата. За американската вакцина „Модерна“ се определиле само 2,1 процент од анкетираните, а најмала група од 1,9 проценти изјавиле дека би се вакцинирале со вакцината „Астразенека“, која треба да пристигне во земјава преку Ковакс механизмот.
Повеќе држави се откажаа од употребата на вакцината „Астразенека“, пред се затоа што нема доволно испитувања за нејзиното влијание кај постарата популација. Данска и Норвешка одлучија дека во моментот нема да им ја даваат вакцината „Астразенека“ на лица над 65-годишна возраст бидејќи „не постои релевантна документација за ефикасноста“. Швајцарија не ја одобри оваа вакцина, а италијанската агенција за лекови (АИФА) ја одобри употребата на оваа вакцина за сите возрасни лица, но сепак препорача да се најде друго решение за лицата над 55 години.
На над 10 проценти од граѓаните кои одговориле на анкетата, пак, сеедно им е со која вакцина ќе се вакцинираат, зависно од тоа која е достапна.
Анкетата на истражувачкиот центар на „Макфакс“ беше објавена на 3 февруари на 14 веб-страници. Гласале 6.578 луѓе, од кои 87 проценти од Македонија, а останатите од Германија, Швајцарија, Велика Британија, Шведска и други.