Утрински Весник
Македонија

Воените лица ќе мора да бираат – или политика, или униформа

Армијата ќе помага во чувањето на виталните објекти и во спроведување на полицискиот час

Воените лица и цивилите во служба на АРМ нема да смеат да раководат, застапуваат и претставуваат политичка партија и да бидат членови на органи на партија, а со членство во партија нема да смеат да ја доведат во прашање професионалноста, непристрасноста и законитоста во вршењето на работите во Армијата или Министерството за одбрана. Ова се дел од измените на Законот за служба во АРМ, кои Владата ќе му ги предложи на Собранието. Измената доаѓа по иницијатива на Советот за безбедност и претседателот Стево Пендаровски, откако висок офицер на АРМ стана член на високо партиско тело и во неколку наврати јавно настапи од позициите на својата партија.

„Армијата отсекогаш била институција со најголем углед во државата, токму поради тоа што секогаш била оставана на страна од политиката. До сега сите партии ја оставале Армијата настрана. Мислевме дека, како и досега, секој ќе води сметка за своето поведение, но, ете, веќе не е така. За жал, сега за прв пат политичка партија ја злоупотребува Армојата. Со измените, секој ќе треба да направи избор: или Армијата, или политиката. Дали же биде политичар или воено лице. Двете заедно не одат“, рече министерката Радмила Шекеринска јанковска на денешниот брифинг.

Законските измени нема да задираат во уставно загарантираното право на членување во политичка партија. Воените лице ќе можат да бидат и основачи на партија, но не и партиски функционери или членови на органи.

Слично законско ограничување веќе има во Законот за внатрешни работи, воведено во 2009 година, а пресликано и во Законот за внатрешни рбаоти од 2014 година, но таму се забранува и основање на партија.

Покрај оваа измена, во Законот за слуќба се регулира и можноста за стипендирање на студенти од критични специјалности за потребите на Армијата, кои ќе добиваат стипендија од 30 до 80 отсто од просечната плата, во зависност од студиската година. Износот секоја година се зголемува за 10 отсто, а стипендистот е должен во одбраната да одработи две години за секоја стипендирана. Мерката се воведува за одбраната да се пополни со дефицитарни кадри, како информатичарти, лекари, но и градежни инженери. Стипендистите со просек над 8 секоја година ќе добиваат и бонус од 50 отсто, а тие со над 9, 100 отсто од стипендијата.

Со пакетот измени на Законот за служба се воведува и отпремнината за професионалните војници, која веќе беше најавена, а во последната година од служба пред старосното ограничување од 45 години возраст војниците нема да имаат дополнителни проверки и оценувања.

Измените предвидуваат и можност за предвремено унапредување на воените лица распоредени во Министерството и Генералштабот и се олеснува пензионирањето на воените лица кои немаат исполнето еден од двата сегашни услови- години на старост и години на стаж.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер