Утрински Весник
Македонија

Идејниот проект во март, се чека на Собранието за потпишување на договорот за „трамвајот на тркала“

Од ЕБОР бараме 70 милиони евра за воведување на „трамвајот на тркала“ во Скопје

Градот Скопје во текот на март очекува да го добие идејниот проект и пропратната документација за првата линија на брзиот автобуски систем (БАС) во Скопје на потегот од Ѓорче Петров до Ново Лисиче. Градските власти за „Мета.мк“ велат дека немаат никакви најави за доцнење во изработката на идејниот проект, за кој беше склучен договор за проектирање минатата есен.

По изработката на идејниот проект, градските власти ќе треба да ја стават на увид на јавноста документацијата за тоа како ќе изгледа функционирањето на првата линија од „трамвајот на тркала“, која ќе биде долга 12,81 километри, ќе има 21 автобуска постојка и 2 автобуски терминала.

Откако ќе се изработи идејниот проект, следен за подготовка е основниот проект, коj ќе бидe стожер на изведбата на брзиот автобуски систем.

„Распишувањето на огласот за избор на проектант за Изработката на основниот проект и целокупната пропратна документација за првата линија од БРТ Скопје, ќе го спроведува Европска банка за обнова и развој (ЕБОР)“, велат за „Мета.мк“ од Град Скопје.

Динамиката со која ќе се изготвува основниот проект зависи од реализацијата на кредитното задолжување кај ЕБОР, која пак во моментов се наоѓа на разгледување во Собранието на РСМ. Кредитот од 70 милиони евра за двете БРТ линии во Скопје се наоѓа пред собраниската Комисија за финансирање и буџет, а откога ќе го помине овој филтер, предложениот закон за должување кај ЕБОР во второ читање треба да се најде пред пратениците на некоја од следните собраниски седници. Документот што земјава планира да го склучи со ЕБОР може да се разгледа овде.

Првата транша од кредитот на ЕБОР во висина од 47,6 милиони евра треба да се искористи за изработка на основниот проект, изградба на првата БРТ линија, но и за идните депоа во Ѓорче Петров и Ново Лисиче, реконструкција на булеварите и улиците по кои ќе минува трасата, набавка на нископодни автобуси на компримиран природен гас, систем за управување со сообраќајот, систем за управување со возниот парк, систем за информирање на патниците и систем за наплата на билети.

Втората транша од 22,4 милиони евра ќе се реализира како подоцнежна фаза, и тоа за реализација на втората БРТ линија од Кисела Вода до Бутел. Покрај заемот од ЕБОР, банката ќе додели и неповратни средства за техничка поддршка за имплементација на двете линии од „трамвајот на тркала“.

Од Град Скопје велат дека договорот за кредитот со ЕБОР ќе се потпише откога законот ќе биде изгласан од пратениците во Собранието.

Инаку, со првата БАС линија од Ново Лисиче до Ѓорче Петров и обратно би се патувало за 35 минути, со комерцијална брзина на автобусите од околу 19,2 километри на час. Ова ново средство за масовен превоз во Скопје ќе биде физички одвоено од постојниот коловоз, а би се движело по средината на булеварите и улиците низ кои ќе поминува трасата.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Студено утро со температури и до минус 11 степени

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија