Утрински Весник
Свет

Данска и Норвешка нема да вакцинираат стари лица со вакцината од „Астразенека“

Данска и Норвешка нема да вакцинираат стари лица со вакцината од „Астразенека“

Данска и Норвешка во моментов нема да ја даваат вакцината против Ковид-19 развиена од фармацевтската компанија „Астразенека“, на лица над 65-годишна возраст, соопштија денеска националните здравствени власти.

„Ние не го правиме ова дека сметаме оти вакцината не е ефикасна за постарите лица, туку затоа што сè уште нема доволно документирани докази за тоа“, рече Камила Столтенберг, шефица на норвешкиот институт за јавно здравје.

На прес-конференцијата, таа посочи дека испитувањата за вакцината на „Астразенека“ имале малку учесници на возраст над 65 години, така што нема релевантна документација за ефикасноста.

Данската здравствена администрација издаде слична препорака за употребата на вакцини од „Астразенека“ за постари возрасни групи.

Соседните Шведска и Финска, како и Германија, исто така, ги донесоа овие одлуки, повикувајќи се на недоволни податоци oд британско-шведската компанија за проценка на ефикасноста на вакцинацијата кај постарата популација.

Данска и Норвешка засега користат две вакцини развиени од американско-германските партнери „Фајзер“ и „Бионтек“ и американската компанија „Модерна“.

Европската унија минатата недела ја одобри вакцината на „Астразенека“ по препорака на Европската агенција за лекови (ЕМА), која рече дека е безбедна за употреба и дава добар имунолошки одговор.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Во Сеута останаа 5.000 мигранти, од кои 1.500 малолетни лица

САД потпишаа договор за нафта со Венецуела

Руски напад во близина на Киев, најмалку 27 мртви