Утрински Весник
Македонија

Царовска: Го приближуваме средното стручно на потребите на компаниите, заедно креираме профили

Царовска: Го приближуваме средното стручно на потребите на компаниите, заедно креираме профили

Продолжуваат консултациите на Министерството за образование и наука со компаниите, стопанските комори и локалните самоуправи за потребата од отворање на нови профили и паралелки во средните стручни училишта низ државата, од идната учебна година. Денеска во Велес, министерката за образование и наука Мила Царовска имаше работна средба со градоначалникот Аце Коцевски и претставници на локалните компании, во рамки на процесот за дизајнирање на наставни програми и уписни политики во средните стручни училишта прилагодени на потребите на компаниите.

„ Важно е да ги усогласиме барањата на реалниот сектор со профилите за кои ќе се образуваат учениците во средните стручни училишта. Разговорите со градоначалниците и со компаниите ќе резултираат со отворање на идентификуваните профили и паралелки од идната учебна година. Како Министерство за образование и наука ќе го поттикнеме изборот на учениците на бараните занимања и со новините во стипендирањето, затоа што тоа е не само во интерес на бизнисот туку и во интерес на младите луѓе, преку поголема вработливост“, рече министерката Царовска.

Анализата на Министерството за образование и наука, во која учествуваа 450 компании, покажа дека дури 85 % се подготвени да соработуваат со средните стручни училишта и да примаат ученици на практична настава, нешто што е многу важно за создавање на стручен и квалитетен кадар.

„ Ако се создаде силна врска меѓу учениците и компаниите, добиваат сите, и младите луѓе и компаниите. За нас како општина е важно што на тој начин истовремено се поттикнува и локалниот развој“, посочи градоначалникот Коцевски.

Средните стручни училишта низ градовите конечно треба да станат места кадешто ќе се креира квалитетен стручен кадар којшто е баран на пазарот на трудот, а компаниите места кадешто учениците може да очекуваат вработување.

Социјалниот дијалог за идентификување на потребите на компаниите се одвива под мотото „Учи паметно, работи стручно“. Министерството за образование и наука за реализација на процесот соработува и има поддршка од Амбасадата на Швајцарија.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Трајановски: Детектирани се црните точки на патиштата, соодветните служби работат, во координација сме со МВР

Голем пожар во кичевско, на терен три хеликоптери

Општините лани потрошиле рекордни 190 милиони евра на тендери