Човечкиот капитал е важен за секоја земја и вложувањето во него треба да биде одговорност за сите влади, но и пошироко, треба да постои општо прифатен консензус за структурните реформи во оваа област.
Ова беше посочено на денешниот онлајн состанок на кој се дискутираше за начинот на отпочнување на „Стратегија за развој на човечкиот капитал“, како еден од приоритетите на Владата, особено во пост-ковид периодот. На состанокот присуствуваа директорот на Светска банка, Масимилијано Паолучи, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, за образование и наука, Мила Царовска, претставници од Владата и од Министерството за здравство.
Според Бесими, инвестициите во човечки капитал се во центарот на „Стратегијата за раст и развој“, и тоа е еден од столбовите на кои се заснова „Стратегијата за ревитализирање и паметен раст (Smarter Growth)“, со која ќе се постигне забрзување на економскиот раст на среден рок, а воедно ќе се постигне негова одржливост.
„Од исклучително значење е создавање и промовирање на еднакви можности, развој на човечките ресурси преку инвестиции во образованието, науката и здравството, поттикнување на поголема активност на работоспособното население и социјална заштита и социјално осигурување. Со вложување во човечкиот капитал и паралелно дејствување кон заздравување од ковид кризата, поттикнување на одржлив и инклузивен раст и подобрување на конкурентноста на приватниот сектор, стапките на економски раст кои порано се движеле од 2-2,5 отсто, на среден рок, можат да достигнат 4-5 отсто“, посочи Бесими.
Шахпаска истакна дека социјалната реформа донесена во 2019 година ги даде првите резултати и за време на кризата, преку поддршката на ранливите категории на граѓани, а Царовска изјави дека образованието е клучно во градење на човечкиот капитал.
„Преку образовниот процес создаваме идни генерации кои треба да го градат, водат и развиваат нашето општество. Образованието е основа за создавање на квалитетен човечки потенцијал и Министерството за образование и наука и државата постојано ќе вложува во него“, рече Царовска.