Премиерот на Палестинската самоуправа, Мохамед Штајех, во понеделникот на својот неделен состанок на владата објави продолжување на контактите со Вашингтон, пренесува „Ал-Кудс Ал-Араби“.
Штајех рече дека разговарал со заменик помошникот државен секретар за израелско-палестински прашања, Хади Амро.
„Разговаравме за начините за продолжување на палестинско-американските односи, вклучително и отворање дипломатски и конзуларни канцеларии, како и продолжување на американската помош, поддршка на УНРВА и продолжување на мировниот процес,.“ рече тој.
Претседателот на ПС, Махмуд Абас, ги прекина контактите со САД по одлуката на поранешниот американски претседател Доналд Трамп да го признае Ерусалим за главен град на Израел во декември 2017 година.
Според Штајех, тој му рекол на Амро дека Абас е подготвен да почне политички процес заснован на меѓународен легитимитет и меѓународното право и со посредство на меѓународниот квартет.
Како одговор, Амро рекол дека американската администрација постепено ќе се посвети на своите обврски преземени за време на изборната кампања.