Утрински Весник
Економија

Заев најави бришење на каматите на долговите за сите граѓани

Заев најави бришење на каматите на долговите за сите граѓани

Премиерот Зоран Заев во попладневниот дел од дебатата на седницата во Парламентот за пратенички прашања соопшти на што се планира да се однесува петтиот пакет економски мерки за помош на граѓаните и стопанството.

„Мерките се структурирани како мерки кон граѓаните, мерки кон работниците односно стопанството и мерки кон сиромашните, па потоа се таргетирани категории коишто се директно најпогодени. Има размислување да се помогне на сите граѓани. Мерката е да ги избришеме сите камати по долгови, коишто граѓаните ги имаат кон државните и општинските институции, за долгови кои се постари од три месеци, под услов да си го регулираат на 12 рати долгот којшто го имаат. Тоа значи за вода, за парно, даноци кон државата, кон станбените претпријатија, кон водостопанските претпријатија. Целта ни е, не веднаш да го платат долгот, не можат веднаш, туку на 12 рати да склучат договори, но да ги избришеме комплетно каматите и со тоа да им олесниме. Имаме многу јавни претпријатија, државни и општински, коишто не може да ги наплатат и редовните сметки, заради тоа што ги книжат граѓаните како должници, а граѓаните не може и стари и нови сметки да плаќаат. Оттука намерата е да ги избришеме сите камати за долговите коишто се за физички лица, за граѓаните кои допираат до државните и општинските институции. Со законско решение тоа е можно“, рече премиерот Заев.

Тој оцени дека досегашните четири пакети економски мерки дале ефикасни резултати и дека ќе се продолжи со помошта кон најсиромашните и најави поддршка за економијата.

„Најмногу барања имаме за платата, 14.500 или 21.700, да продолжи, но дефинитивно постојат различни предуслови што ќе ги земеме предвид и ќе ги разгледаме во делот на платите. Ако помагаме за март, тој март треба да го споредиме со 2020 година, а тогаш беше почетокот на кризата, април сите знаеме лани што се случуваше. 2021 година очекуваме да биде рестарт, завршување на пандемијата и да се вратат во профит самите компании, кога ќе се вратат треба да модифицираме како да ги мотивираме во делот на нивната профитабилност, раст на обем на работа, нови работни места да отворат и слично и затоа ќе предложиме еден пакет преку Банката за поддршка на развојот, со грантова шема, да дадеме бескаматни кредити, каде што ќе поттикнеме да покажат позитивен успех на крајот на 2021 година. Тоа значи ако дадеме 10.000 евра грант ќе продуцираме да покажат позитивен успех во 2021, за да мотивираме развој и во државата и тие да бидат дополнително мотивирани, ако покажат посилен успех, ќе дадеме грант од 20, 30, 40% од самиот бескаматен кредит“, соопшти премиерот Заев.

Тој најави и помош за во угостителската дејност, транспортот, на тутунарите, медиумите.

„Ги таргетираме хотелите надвор од туристичките места. Тие хотели коишто беа во туристичките места со ваучерите со картичките, со она што значеше 6.000 денари помош на граѓаните на сметка беа помогнати и навистина туристичката сезона некако ја поминаа, имајќи предвид дека сепак е пандемија за сите. Но, хотелите надвор од туристичките места, тоа е главниот град, во внатрешноста навистина беа затворени или минимум присутни, сакаме да дадеме грантови или одредени мерки, иако дел од економските министри се да имаме мотивирачки мерки. За тутунот ќе имаме сигурно мерка оваа година и верувам дека министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, заменикот и неговиот тим навистина ќе искреираат убав пакет како да помогнеме, оти последици меѓу другото на КОВИД-19 се и пониските откупни цени од последните три години. Тоа е нашиот народ, огромен број население живее од тоа и тука ќе имаме сигурно разработена мерка. Медиумите се директно погодени, плаќаат 49 милиони и 500 илјади сите 118 или 138 медиуми. Цел на Владата е, без да има било какви интеракции со медиумите, да помогне кај АВМУ, а АВМУ ако може да ги ослободи медиумите од таа концесија, тоа купче од 50 милиони денари за сите медиуми, да помогнеме. Ги разгледуваме можностите за терестеријалната такса која што плаќаат кон АЕК, тоа е регулаторно тело, мора да се разговара да се види што може тука да се помогне“, дополни премиерот Заев.

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Дурмиши: Oд март 2025 зголемување на минимална плата

УПОЗ не отстапува од барањето за покачување на минималната плата на 450 евра

Се подготвува новогодишната кошничка: Околу 600 производи еден месец ќе бидат по намалена цена