Утрински Весник
Македонија

Бектеши: Во земјава годинава ќе се забрани увозот на половни возила со стандард под ЕУРО 5

Министерот за економија Крешник Бектеши вчера на конференцијата „Визија за енергетска транзиција 2040“ најави дека годинава ќе се забрани увозот на половни возила со под ЕУРО 5 стандард на емисија на издувни гасови.

„Оваа година би требало да се зголеми стандардот за увоз на возила во нашата држава. А, во однос на мерки ние веќе спроведуваме неколку мерки за вградување на плински уреди во возилата“, најави министерот за економија Крешник Бектеши.

Воедно, тој најави дека владата планира да спроведе две дополнителни мерки со кои би се обновил возниот парк. Првата мерка предвидува воведување на субвенции за купување на хибридни возила од граѓаните, како надополнување на постојната мерка за даночно олеснување при увозот на овие возила. Втората мерка ќе даде можност за директна финансиска помош за оние граѓани кои ќе се одлучат да ги заменат возилата со под ЕУРО 4 стандард со нови автомобили со ЕУРО 5 или 6 стандарди.

„Мета.мк“ веќе неколку месеци наназад пишува дека треба да се преземат мерки за да се подобри состојбата со постојниот возен парк, чија просечна старост во 2019 година изнесувала 19,3 години. Првиот глобален Извештај за влијанието на половните возила врз животната средина „Половни возила и животна средина“ на Програмата на Обединетите Нации за животна средина (УНЕП) ја вброи Македонија во групата на земји со „слаби“ политики за регулирање на увозот на половни возила.

Најновите податоци на Царинската управа на РСМ за 2020 година покажаа дека лани во земјава влегле 29.052 автомобили, при што 82,2 отсто од нив биле половни. Иако нивниот број во однос на 2019 година е намален, сепак ланскиот увоз на половни возила во земјава се движи во рамките на просекот на влезени вакви возила на годишно ниво во изминатава деценија. „Мета.мк“ направи и инфографик за тоа колкав е уделот на половните автомобили во вкупниот увоз на возила во земјава.

Конечно, истражувањето за влијанието на сообраќајот врз загадувањето на воздухот во Скопје на Центарот за климатски промени предводено од проф. д-р Дејан Мираковски, проректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип покажа дека помалку азотен двооксид (NO2) и ПМ-2.5 честички сме дишеле во Скопје во периодот на карантин од 18 март до 26 мај 2020 година, во споредба со истиот период од 2019 година.

„Имајќи ги во предвид промените во интензитетот и временскиот распоред на сообраќајот, во периодот пред и за време на КОВИД 19 кризата, а врз основа на извршените статистички анализи, учеството на сообраќајот во вкупното аерозагадување со азотни оксиди може да се процени во рангот од 25 до 35 отсто, додека во загадувањето со суспендирани цврсти честички-фракција РМ 2.5, некаде во рангот од 5 до 15 отсто“, се вели во заклучокот на ова истражување, за кое повеќе може да се прочита овде.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Меџити: Утре ЈСП ќе добие шест електрични автобуси

Од ноќеска поскапуваат сите горива – РКЕ со нова одлука

Таравари: Функционери на ДУИ се повикуваат во обвинителствата, наскоро ќе се види кои се тие