Двејн Џонсон можеби е една од најуспешните и најпопуларни ѕвезди во Холивуд, но тој вели дека во неговиот живот има многу повеќе од пофесионално борење, играње фудбал и актерство.
Во новата ТВ-хумористична серија Young Rock, која почнува на Ен-би-си на 16 февруари, фановите можат да гледаат приказни од неговиот живописен, но комплициран живот, со посебен акцент на младоста и детството.
„Има уште многу што треба да споделам со светот“, вели ѕвездата на „Брзи и бесни“ на почетокот на емисијата.
„Јанг рок“ поаѓа од претпоставка дека Џонсон се кандидира за претседател на САД во 2032 година и дека е интервјуиран за неговиот живот. Актерот и продуцент често кокетираше јавно со идејата да се кандидира за Белата куќа, последен пат во 2019 година, кога рече дека не е вистинското време.
Џонсон (48) во ТВ-серијата ќе го глумат тројца актери на возраст од 10, 15 и 18 години во секвенци што започнуваат со тоа што тој расте на Хаваите како син на борачот Роки Џонсон.
Тој живеел во 13 различни држави во САД до 13-годишна возраст.