Утрински Весник
Економија

ПРЕКУ БЕЏОТ ЗА ВЕРИФИКУВАН Е-ТРГОВЕЦ ЌЕ СЕ ПРАВИ ЈАСНА РАЗЛИКА ПОМЕЃУ РЕГИСТРИРАНИ И НЕРЕГИСТРИРАНИ Е-ТРГОВЦИ

Bedzh Asocijacija1920x1080

СКОПЈЕ, 26.01.2021: Асоцијацијата за е-трговија на Македонија воведува „Беџ за верификуван е-трговец”, кој ќе овозможи јасна дистинкција на онлајн продавниците кои се регистрирани субјекти и ги исполнуваат основните правила и законски прописи од останатите онлајн продавници кои не се целосно усогласени или пак воопшто не се регистрирани и се дел од сивата економија.

Беџот за верификација е дел од иницијативата „Е-трговија за сите“, која е поддржана од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, има за цел да ги доближи до граѓаните онлајн продавниците кои ги исполнуваат неопходните регулативи за работење во е-трговијата и да одигра едукативна улога за компаниите кои работат со е-трговија односно да ги мотивира постоечките е-трговци да ги имплементираат сите правила и прописи во своето работење.

Главна причина за започнување со оваа активност, како што велат од Асоцијацијата за е-трговија е потребата за зголемување на довербата во онлајн продавниците од една страна, но и потребата за зголемување на свеста кај купувачите и правење разлика помеѓу регистрирани е-трговци и нерегистрирани субјекти кои учествуваат во онлајн продажбата (како дел од сивата економија) и претставуваат нелојална конкуренција за регистрираните е-продавници.

– „Во време кога е-трговијата зема сѐ поголем замав, а луѓето сѐ повеќе се охрабруваат да купуваат онлајн, важно е купувачите да можат да ги разликуваат онлајн продавниците кои ги исполнуваат основните правила и прописи, од оние кои се или неусогласени согласно регулативата или пак се дел од сивата економија. Потребно е купувачите да се свесни од каде купуваат или прават нарачки со цел да се заштитат и самите од било какви идни потешкотии (како враќање на производот доколку не се задоволни). Купувачите треба да знаат и дека кога купуваат од нерегистрирани субјекти (на. пример преку социјални медиуми) немаат заштита согласно Законот за заштита на потрошувачи.“ – велат од АЕТМ.

Беџот ќе биде визуелна ознака која ќе биде поставена на веб страниците на домашните е-продавници, која ќе им помогне на купувачите полесно да проценат дека станува збор за регистриран правен субјект кој ги има имплементирано сите неопходни законски регулативи во работењето.

– „Овој беџ не ги опфаќа сите е-трговци во нашата земја и истиот ќе биде поставен само кај е-трговците кои самостојно ќе аплицираат за ваков беџ за верификација, а во исто време ги поминале соодветните проверки од АЕТМ за неопходни регулативи и обврски за работењето во е-трговијата.“ – дополнуваат од Асоцијацијата.

Помеѓу условите кои еден е-трговец треба да ги исполнува се: да има објавено седиште и адреса, контакт податоци (е-маил адреса), даночен број – ако е-трговецот е ДДВ обврзник, да има поставена политика за враќање на производите, политика за заштита на лични податоци, да поседува ССЛ сертификат, да ги има јасно и транспарентно објавени цените на производите и услугите итн.

Сите заинтересирани е-трговци, ќе може да се информираат подетално и да аплицираат за беџ за верификација преку веб платформата ecommerce4all.mk на следниот линк.

Дополнително, листата со е-трговци од нашата земја кои се верифицирале ќе биде достапна и во вид на редовно ажуриран регистар, кој ќе биде јавно достапен и објавен на веб страницата ecommerce4all.mk.

Можете да прочитате

Се подготвува новогодишната кошничка: Околу 600 производи еден месец ќе бидат по намалена цена

Годишен раст на зелените кредити од 7,4 % заклучно со септември 2024 година

Конференција „Управување со недостигот на работна сила во одредени занимања во Северна Македонија“