Штетни се обидите за наметнување дебата колку проценти е било која етничка заедница, велат од владејачкиот Социјалдемократски сојуз на Македонија, коментирајќи дека пописот ќе ја регистрира реалноста таква каква што е, а резултатите нема да значат суспендирање нечии права.
СДСМ се децидни дека пописот на населението е од клучно значење за развојот на државата и граѓаните, а по него ќе може да се креираат мерки и политики кои одговараат на вистинските потреби на народот – економски, здравствени, образовни, социјални, културни, со што ќе се унапредат и нивните права и придобивки.
„Немањето попис цели две децении е штетно. ВМРО-ДПМНЕ го прекина последниот обид за попис во 2011 и тоа го направи откако потроши милиони евра народни пари, а сега, како и при сите клучни работи во државата бара причини за блокади и опструкции и се обидува да го саботира целиот процес. Губитникот Христијан Мицкоски и неговото ВМРО-ДПМНЕ делуваат спротивно на интересите на граѓаните и на државата, шират невистини и оспоруваат резултати на уште неспроведен попис и ги повикуваат граѓаните на прекршување на законите“, велат од СДСМ преку соопштение.
Партијата појаснува дека пописот е статистичка операција, која ќе ја реализира Државниот завод за статистика, според сите европски и меѓународни стандарди.