Здравствениот дом во Скопје денеска доби две амбулантни возила за транспорт на пациенти, донацијата од Општина Чаир. Средствата наменети за новогодишно украсување, општината ги пренамени за поддршка на здравствените служби во борбата против Ковид-19.
„Ова е значајна донација. Овој сегмент на Итната медицинска помош е еден многу сериозен и значаен сегмент во целокупниот здравствен систем, кој во континуитет го надградуваме. Целокупниот возен парк повеќе од 3/4 целосно е обновен, со набавката од Министерството за здравство, од донациите кои пристигнаа во изминатиот период“, рече министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој информираше дека во овој момент трае процедура за вградување на посебни инструменти за GPS навигација и камери во сите возила во Здравствениот дом во Скопје.
„За две недели ќе заврши целокупната инсталација и со тоа целосно ќе биде модернизиран и овој сегмент од Итната медицинска помош. Тоа значи дека во секој момент точно ќе се знае каде е возилото, каде се наоѓа, кога е испратено, за колку време ќе дојде од моментот на испраќање. Ова значи една многу значајна постапка за модернизација на возилата за ИМП“, истакна Филипче.
Двете возила кои Општина Чаир ги донира чинат 2,6 милиони денари.