Американската федерација на ТВ и радиоуметници (АФТРА) ќе одржи состанок на кој ќе решава за исклучување на американскиот претседател Доналд Трамп од своите редови.
Синдикатот САГ-АФТРА, кој обединува околу 160.000 актери, новинари и други медиумски професионалци, во соопштението вели дека свикал состанок на својот дисциплински комитет во врска со улогата на Трамп во насилниот упад на толпата во американскиот Капитол на 6 јануари.
„Доналд Трамп ги нападна вредностите што ова здружение ги смета за најсвето – демократијата, вистината, почитта кон нашите сограѓани од сите раси и вери и светоста на слободниот печат“, рече Габриел Картерис, претседателка на САГ-АФТРА.
„Рамна е линијата од неговото безобразно непочитување на вистината до нападите врз новинари извршени од неговите следбеници“, додаде таа во изјавата.
Трамп стана член на САГ од неговите појавувања во неколку холивудски филмови и ТВ-емисии, почнувајќи од „Сам дома 2“ до „Сексот и градот“ во раните 90-ти.