Утрински Весник
Технологија

Неверојатни иновации и изуми на годинешниот светски технолошки самит CES

CES

На најголемиот светски саем за електроника CES 2021, кој се одржа од 11 до 14 јануари, со свои изложби учествуваа речиси 2.000 технолошки компании, кои имаа можност да ги претстават своите иновации и стартапи и да формираат нови партнерства.

И покрај тоа што на овогодинешниот саем доминираше здравствената технологија поради глобалната пандемија, сепак можеа да се забележат интересни и инспиративни решенија и изуми и во други области.

Дел од највпечатливите иновации ги издвојуваме во продолжение.

Домашна забава

Компанијата „LG“ продолжува со трендот на изработка на транспарентни телевизори. На саемот го претстави 55-инчниот „невидлив“ OLED телевизор, чиј екран постигнува и до 40 процентна транспарентност и кога е вклучен.

Иако пред неколку години ТВ-производителите, заради заштита на приватноста престанаа со вградување на камери во телевизорите, „Самсунг“ годинава се обидува повторно да го врати овој тренд. Повеќето телевизори кои компанијата годинава ќе ги пушти во продажба ќе имаат опција за избор на вградена веб-камера која би се користела при видео разговор и при јога тренинзи со водичи од дома.

За оние кои сакаат да слушаат музика под туш, „Ampere“ го прикажа првиот блутут звучник во светот кој работи на вода. Звучникот е водоотпорен, дизајниран за да биде вграден во самиот туш и има мал внатрешен генератор кој кинетичката енергија од водата што паѓа ја претвора во електрична енергија за да го полни.

Гејминг

Компанијата „Рејзер“ која на CES настапува со необични концепти, годинава го покажа и дизајнот на следната генерација гејмерски столици. Проектот „Бруклин“ (Project Brooklyn) се состои од столица на која е прикачен и огромен транспарентен OLED кран од 180 степени. Од двете страни на столицата има платформи на извлекување кои можат да се поставуваат на разни висини.

Во однос на гејминг додатоците, од „Dell“ објавија дека забележале пораст на продажбата на гејмерски хардвер и лаптопи и ја најавија најновата генерација на лаптопи на кои ќе може да се игра во 8К резолуција. Ова ќе значи подетални и пореални светови на игри и поголемо искуство за фановите на гејминг индустријата.

Неверојатни лаптопи беа претставени и од другите производители како „Acer“,  „Lenovo“ „HP“.

5Г технологија

5г технологијата можеше да се забележи насекаде на годинешниот  CES. Повеќето од големите производители на паметни телефони ги промовираа своите нови модели прилагодени на 5Г тенологија, која беше воведена минатата година.

Еден од добитниците на почесната награда за иновација на самитот беше компанијата „Инсиго“ (Inseego) која го создаде првиот мобилен 5Г хотспот во светот, а работи и на развивање на домашни 5Г рутери кои ќе донесат супер брзина во домовите и канцелариите.

Транспорт

Меѓу иновациите на производителите на возила можеа да се забележат различни решенија кои носат голем скок во удобноста и можностите на транспортот.

„Џенерал Моторс“ го претстави футуристичкото летачко самостојно возило, кое полетува и слетува вертикално, наликува на дрон и служи за да го вози патникот над улиците и низ воздухот. Малку е веројатно дека возилото ќе биде пуштено во продажба во блиска иднина, но дава возбудлива визија за тоа како ќе се развива личниот превоз.

„Џенерал Моторс“ го презентираше и „Halo“ концептот за самостојно управување на возилата. Тој служи за превоз на патниците во луксузна удобност, а користи и биометриски сензори за прилагодување на осветлувањето, температурата, влажноста на воздухот, па дури и мирисот во возилото.

Свој автомобил на соларен погон претстави „Соно Моторс“. Возилото користи 248 панели за да генерира електрична енергија и може да се движи со брзина до 140 километри на час.

Sono motors
Sion возилото на „Соно Моторс“ / фото: видео презентација на возилото

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

ПРОДАЖБАТА НА ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОМОБИЛИ ВО ЕВРОПА ВО 2023 ГОДИНА ПОРАСНАЛА ЗА РЕЧИСИ 14 ПРОЦЕНТИ

Jana

Новите очила на „Apple“ најверојатно брзо ќе се распродадат

Jana

ЕУ ги казни „Валв“ и пет други компании поради ограничување на продажбата на видеоигри

META