Утрински Весник
Македонија

Околу 900.000 евра европски пари ќе бидат инвестирани во ромски населби во Прилеп

Општина Прилеп ја субвенционира набавката на инвертери и велосипеди за домаќинствата

За две недели ќе почне спроведувањето на проектот „Обезбедување пристојни услови за живот на ромските домаќинства во Општина Прилеп – СДЛР“, финансиран од ИПА2 програмата на ЕУ со 893.910 евра. Проектот, според најавите, ќе се финансира во повеќе фази во период од 3 години. Во фокусот на активностите се две населби во Прилеп: „Дебарца“ и „Три багреми“, каде што живее ромско население со најголеми социјални проблеми.

„Во фокусот на проектот се социјално најзагрозените граѓани. Целта е да се подобрат условите за живот на овие граѓани. На 700 ромски семејства ќе им се даде можност да ги легализираат своите имоти, куќи и земјиште. А, на 50 други домаќинства ќе им се реконструрираат куќите. Притоа ќе се ажурираат и подобрат урбанистичките планови во овие населби, ќе се подобри комуналната инфраструктура во овој дел од градот, а и ќе се овозможи непречено водоснабдување на домаќинствата односно најмалку 1.000 жители во населбите“, истакнуваат од Општина Прилеп.

Со овој проект исто така ќе се подобри пристапот на жителите до социјалните, образовни и здравствени услуги. Ќе се промовираат програми што ќе им овозможат на жените Ромки и младите Роми побрзо и полесно вработување, а поквалитетно достапно образование на најмладите припадници на ромската заедница.

Покрај Општина Прилеп како релевантен партнер, координатор на проектот е „Италијански центар за поддршка на здружени мисии“ (Centro Laici Italiani Per Le Missioni Associata – CELIM) од Милано, „Ромски ресурсен центар“ од Скопје и граѓанската организација „Рома перспектив“ од Прилеп.

„Градоначалникот Илија Јованоски презеде обврска сите недостатоци на Законот за легализација да ги изнесе пред Заедницата на единици на локална самоуправа (ЗЕЛС) со цел полесно да се имплементираат проектните активности’, велат од Општина Прилеп.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор