Утрински Весник
Македонија

Државата очекува првата фаза од автопатот Скопје-Блаце да се заврши претстојново лето

Државата очекува првата фаза од автопатот Скопје-Блаце да се заврши претстојново лето

И покрај влијанието на моменталната состојба со ковид-19 и проблемите што се јавија со експропријацијата на земјиштето пред неколку месеци, од Јавното претпријатие за државни патишта очекуваат изведувачот да го испочитува рокот за завршување на градежните работи на првите два километри од автопатот Скопје-Блаце, велат за „Мета.мк“ од ЈП за државни патишта.

При потпишувањето на договорот за реализација на првата фаза од автопатот Скопје-Блаце пред точно една година, ветувањето беше дека претстојново лето ќе се завршат двата километри од автопатот на потегот од граничниот премин „Блаце“ до клучката кај селото Блаце.

„Во моментов се работи на градежни работи, на ископ на материјал, согласно со проектот. Потоа се работи на ископ на хумус, како и на дислокации на постојната инфраструктура“, информираат од ЈП за државни патишта во однос на активностите што се одвиваат на терен.

Во меѓувреме, завршена е експропријацијата на земјиштето по кое поминуваат првите 2 километри од трасата за изградба на автопатот Скопје-Блаце, со што беше отстранет главниот проблем за работа на изведувачот. Инаку, самата изградба на првите два километри од овој автопат чини околу 12,2 милиони евра, без вклучен ДДВ. Градежните работи се одвиваат со обезбедени финансиски средства од буџетот на ЈП за државни патишта.

Автопатот Скопје-Блаце ќе има вкупна ширина од околу 27 метри, со по две коловозни ленти од 3,5 метри и една лента за застанување од 2,5 метри во секој правец.

„Мета.мк“ веќе пишуваше дека паралелно се работи и на подготовките за реализација на втората фаза од автопатот Скопје-Блаце, на потегот од клучката „Блаце“ до клучката „Стенковец“ во должина од 10,5 километри. До третиот квартал од годинава треба да биде комплетиран основниот проект, што е предуслов за да се отпочне со градежните работи.

Меѓународниот тендер за избор на изведувач за втората фаза на овој автопат треба да се распише во периодот јули-септември 2021, додека до почетокот на 2022 година да се избере најповолен понудувач и да се започне со изградба на терен.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор