Утрински Весник
Свет

Трамп: САД се сведок на невиден напад врз слободата на говорот

Трамп: САД се сведок на невиден напад врз слободата на говорот

САД се сведок на невиден напад врз слободата на говорот, рече американскиот претседател во заминување, Доналд Трамп, во видео-обраќањето.

„Сакам да кажам неколку збора за невидениот напад врз слободата на говорот што го видовме последните денови. Овие се напнати и тешки времиња. Напорите за цензурирање и ставање на црната листа на нашите сограѓани се погрешни и опасни“, рече тој.

„Она што сега е потребно е да се слушаме едни со други, а не да се замолчуваме. Сите можеме со своите активности да избереме да се издигнеме над гневот и да најдеме заеднички јазик и заедничка цел. Мора да се фокусираме на унапредување на интересите на целата нација, доставување на вакцините, пораз на пандемијата, обнова на економијата, заштита на нашата национална безбедност и почитување на владеењето на правото“, додаде тој.

Обраќањето уследи откако Претставничкиот дом со 232 наспроти 197 изгласа импичмент на Трамп.

Претставничкиот дом, контролиран од демократите, во понеделникот воведе член за импичмент во нов обид за симнување од власт на претседателот Трамп во последните денови од неговиот мандат, обвинувајќи го за поттикнување на бунтво врска со минатонеделните немири во американскиот Капитол од страна на поддржувачите на Трамп.

Покрај иницијативата за импичмент, Претставничкиот дом изврши притисок и врз потпретседателот Мајк Пенс да се повика на 25. амандман за смена на Трамп од функцијата пред истекот на неговиот мандат на 20 јануари. Пенс го отфрли ултиматумот.

На 6 јануари, приврзаниците на Трамп упаднаа во зградата на Капитол во Вашингтон за да спречат пратениците официјално да ги потврдат резултатите од претседателските избори што се одржаа во ноември лани во последен обид да спречат демократот Џо Бајден да стане нов претседател.

За време на немирите, еден демонстрант беше застрелан. Покрај тоа, тројца други починаа, но причините за нивната смрт беа квалификувани како медицински итни случаи. Инаугурацијата на Џо Бајден е закажана за 20 јануари.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Три тела извлечени од потонатиот туристички брод во близина на брегот на Египет

Аналитичари: Русија напредува во Украина со најбрзо темпо од почетокот на војната

Парламентарното собрание на НАТО усвои резолуција за итна интеграција на Украина во Алијансата