Министерот за здравство д-р Венко Филипче, шефицата на Канцеларијата на Светската здравствена организација во Северна Македонија Џихан Тавилах и деканката на Медицинскиот факултет во Скопје проф. д-р Соња Топузовска, денеска беа во посета на Институтот за судска медицина по повод донација на „biosafety“ кабинети од СЗО.
Филипче истакна дека Светската здравствена организација се покажа како еден од најсериозните и најголеми партнери од почетокот на ковид кризата, како и во претходниот период на други полиња на соработка.
„Денешната донација се состои од три „biosafety“ кабинети. Два кабинета се наменети за Институтот за микробиологија и еден за Институтот за судска медицина. Ова е една значајна поддршка за Медицинскиот факултет, со што се одделува работата од форензиката со делот на дијагностика на коронавирусот, нешто што е многу значајно посебно за работата на Институтот за судска медицина“, потенцираше Филипче и додаде дека ова претставува зајакнување на дијагностичките, лабораториските капацитети во делот на идентификување на коронавирусот на Медицинскиот факултет во Скопје.
Шефицата на канцеларијата на Светската здравствена организација во земјава Џихан Тавилах истакна дека СЗО има блиска соработка со Министерството за здравство во соодветниот одговор на кризата на ниво на целата земја.
Деканката на Медицински факултет проф. д-р Топузовска појасни дека се работи за три кабинети со високо ниво на заштита, еден автоматски екстрактор за изолација на вирусна РНК, како и реагенси за три илјади анализи.
„Оваа опрема ќе овозможи лабораториите на Институтот за судска медицина и на Институтот за микробиологија да го зголемат својот капацитет. Односно, бројот на анализи за детекција на КОВИД-19 на дневна основа. Овие кабинети ќе овозможат високо ниво на заштита на вработените. Опремата во иднина ќе се користи и за други анализи. Со тоа се зголемува капацитетот на Медицинскиот факултет за молекуларната дијагностика“, посочи деканката проф. д-р Топузовска.