Утрински Весник
Македонија

Полицијата го растури Вевчанскиот карневал

Полицијата го растури Вевчанскиот карневал

Полициски службеници го растурија карневалот во Вевчани, кој оваа година не беше официјално организиран од страна на Општината поради пандемијата на коронавирус. Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека полицијата интервенирала поради непочитувањето на мерките за спречување на ширење на коронавирусот односно забраната за групирање на повеќе од четири лица.

Присутните ја дочекаа полицијата со пцовки, а настана и турканица меѓу василичарите и полицајците.

Од МВР велат дека и покрај претходно постигнатиот договор на три одржани состаноци со лицата инволвирани околу одржувањето на оваа манифестација да се почитуваат мерките и да нема групирање, денеска поголема група на граѓани се собрала во Вевчани, без почитување на мерките односно со недозволено групирање поради што мораше да интервенира полицијата.

„По документирање на случајот, ќе бидат поднесени и соодветни поднесоци. Апелираме до сите граѓани заеднички да придонесеме за спречување на коронавирусот односно за зачувување на здравјето како на жителите на Вевчани, така и на сите граѓани“, велат од МВР.

Група вевчанци не се откажаа од традицијата и излегоа маскирани на карневалот, а имаше и публика која го следеше дефилето.

Општина Вечвани оваа година се откажа од организирање на традиционалниот карневал.

Градоначалникот, Сашо Јанкоски, вчера апелираше да се почитуваат мерките и протоколите на Комисијата за заразни болести.

„Ние како Општина Вевчани се откажавме од организација на овогодишните концерти, изложби и сите други активности за Вевчански Карневал 2021, сѐ со единствена цел да ве заштитиме вас, вашите фамилии, вашите најблиски од оваа пандемија“, напиша Јанкоски на „Фејсбук“.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Каранфилова-Пановска: Ќе бидам верен соработник во креирањето и спроведувањето на новите политики за промени на СДСМ

Обвинителство: Има материјални докази дека Палчо е сторител на двојното убиство

МЖСПП: Советничката Ирена Витина подобро да се информира, пред да изнесува невистини во јавност