Утрински Весник
Свет

Отфрлени повиците на Ганц за единство против Нетанјаху

Отфрлени повиците на Ганц за единство против Нетанјаху

Повеќето израелски партии изјавија дека одбиваат да се обединат или спојат со алијансата „Сино-бели“ (Кахол Лаван) со која претседава алтернативниот премиер и министер за одбрана Бени Ганц, објавија локалните медиуми.

„Подготвен сум да жртвувам многу за Биби да си оди. Ако се ослободиме од егото, ќе се ослободиме од Биби. Не можеме да дозволиме Нетанјаху да не разбие на мали партии”, рече Ганц на прес-конференцијата, користејќи го прекарот на Бенјамин Нетанјаху.

Сепак, неговите повици не наидоа на одѕив бидејќи другите партии го гледаат Ганц како човек кој ја распарчи својата партија со влегувањето во коалиција со Нетанјаху минатата година.

Неколку неодамнешни истражувања покажаа дека Ганц сега може да се надева на 4-5 места во Кнесетот; тој влезе во распуштениот Кнесет со 33 места. Некои набљудувачи изјавија дека Ганц е во опасност да падне под прагот од 3,25 отсто за влез во Кнесет.

Според „Тајмс оф Израел“, лидерот на Јеш Атид, Јаир Лапид изјавил: „Ние ќе вложиме максимални напори да формираме сојузи што ќе доведат до разумна, либерална влада која ќе ја промени земјата“.

Но, извори во партијата изјавија за весникот дека Ганц не ги почитувал обврските и ветувањата што ги дал кога се приклучил на владата со Нетанјаху.

„Па, како може Лапид да го врати назад и да му верува сега?“ велат оттаму.

Од своја страна, шефот на „Јизраел Беитеину“, Авигдор Либерман, му се обрати на Ганц велејќи:

„Имавте можност да се ослободите од Нетанјаху, но одбравте да станете резервен премиер. Она што можете да го направите во корист на државата е да не излезете на следните избори “.

Тој го обвини Ганц за расипување на политичкиот систем во Израел; затоа, тој треба да ја плати цената и да го напушти политичкиот живот.

Израел треба да ги одржи своите четврти избори во последните две години, бидејќи неговата коалициска влада се распадна минатиот месец откако не можеше да се договори за буџетот.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Зеленски верува дека војната ќе заврши во 2025 година

Путин потпиша закон за отпис на кредитни долгови за учесниците во специјалната воена операција

33.000 домаќинства во Франција останаа без струја поради невреме