Иако до крајот на неговиот мандат остануваат помалку од две седмици, актуелниот претседател Доналд Трамп би можел да се соочи со отстранување од функцијата во овој краток период, откако одреден број на конгресмени или сенатори од Демократската партија побараа актуелниот претседател на САД да биде отповикан или отстранет. На нив им се приклучи и еден пратеник од Републиканската партија.
Причината се вчерашните настапи на Трамп кој ја потпалуваше толпата демонстранти во Вашингтон, по што беше извршен насилниот упад во Конгресот на САД.
Инаку, рано утрово и официјално беа потврдени мандатите на новиот претседател на САД, Џон Бајден, и потпретседателката Камала Харис
Некои пратеници во Претставничкиот дом (Долниот дом на Конгресот на САД) или сенатори (припадници на Сенатот, Горниот дом на Конгресот) рекоа дека она што се случи е незамисливо. Јасен повик за отстранување на Трамп упати водачот на групата на демократите во Сенатот, Чак Шумер, јави Си-ен-ен.
„Она што вчера се случи беше бунт против САД поттикнат од претседателот. Овој претседател повеќе не смее да остане на функција ниту еден ден“, гласи изјавата на Шумер.
Пратеникот во Претставничкиот дом од Републиканската партија, Адам Кинзингер смета дека повикувањето на 25-от Амандман за отстранување на Трамп е „најправилната работа што треба да се стори заради нашата демократија“.
„Ние во суштина имаме претседател што изледа како изместен од реалноста. Добиваме сигнали дека неговиот персонал групно го напушта. И поставувањето на потпретседателот Пенс на должноста според 25-от амандман сè додека функцијата не ја преземе избран Претседател, што веројатно поради краткото време и нема да се случи, е вистинската работа за нашата демократија“, изјави Кинзингер за Си-ен-ен.
Според оваа телевизија, некои членови на Кабинетот во Белата куќа вчера ги разгледувале опциите за повикување на 25-от Амандман за да го отстранат Трамп од функцијата.
Ова отстранување, според споменатиот амандман, подразбира во постапката да учествува и потпретседателот, а тоа да биде поддржано од мнозинството од Кабинетот. Тие би требало да го прогласат Трамп за неспособен за вршење на функцијата и привремено да му ја одземат власта. Трамп потоа би можел да се пожали во Конгресот со писмо, по што Пенс и Кабинетот би имале четири дена да одговарот. А Конгресот би можел да го потврди тоа со двотретинско мнозинство, односно 290 гласа во Претставничкиот дом и 67 гласа во Сенатот.