Утрински Весник
Македонија

Државниот инспекторат за животна средина нареди кочански „Пејпер Мил“ да работи на плин

Загадувачите, преку јаглеродната такса, треба да ја финансираат зелената економија

По мерењата на емисиите испуштени во воздухот од кочанската фабрика „Пејпер Мил“ на 30 декември 2020 година, Државниот инспекторат за животна средина повторно утврдил надминување на граничните вредности, информираат од овој инспекторат.

Вчера фабриката „Пејпер Мил“ добила наредба да престане да го користи котелот на пелети и да премине на работа на плин.

„Инсталацијата ќе работи на плин сè додека не се постигнат законски утврдените гранични вредности. Државниот инспекторат за животна средина инсистира на почитување на законите. Не дозволуваме загадување на Кочани“, се вели во соопштението на Државниот инспекторат за животна средина.

Инаку, мерењето на емисиите испуштени во воздухот на 30 декември следуваше откако два дена претходно инспекторите информираа дека оваа фабрика во Кочани доколку продолжи да ги надминува граничните вредности, ќе мора да престане да го користи котелот на пелети и да премине на плин или пак, ќе мора да стави клуч на врата и да не работи сè додека не го обезбеди филтерот на оџаците.

Државниот инспекторат за животна средина реагираше откако изминатиов период низ социјалните мрежи и медиумите кружеа фотографии од фабриката на кои се гледа црн чад како излегува од нејзините оџаци. Жителите на Кочани организираа и протест пред фабриката и го искажаа своето незадоволство заради загадувањата од фабриката.

Инаку, кон средината на декември 2020 година, Државниот инспекторат за животна средина ја казни кочанската компанија „Пејпер мил“ со 20.000 евра и обврска за два месеци да вгради филтер за да запре загадувањето на воздухот со ПМ 10 честички од нејзините оџаци. Фабриката во изминатиов период беше предмет на вонредни надзори на инспекторите за животна средина.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер

(Видео) Започнува нова епизода на подкастот Зрак со д-р Марина

Филипче по Конгресот: Одлична енергија, нова сила и ентузијазам!