Утрински Весник
Економија

(Видео) Заев: И во време на пандемија обезбедивме ликвидност и опстанок на компаниите

(Видео) Заев: И во време на пандемија обезбедивме ликвидност и опстанок на компаниите

Премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими, денеска на заедничка прес-конференција се осврнаа на постигнатите резултати на економски план и на реализацијата на буџетот за 2020 година, а ги презентираа плановите и проекциите за 2021 година.

„И покрај сите предизвици со кои се соочивме, можам да кажам дека во 2020 година успеавме да го испорачаме тоа што им го ветивме на граѓаните. Изминатата 2020 нè научи дефинитивно да бидеме погрижливи, посолидарни и сплотени. Ни покажа дека кога има криза најважно е да сме здружени и да се потпираме едни на други. Затоа и Владата беше фокусирана на поддршка на секој граѓанин на кој му потребна потпора за да ја преброди кризата. И здравствено и економски“, истакна премиерот.

Како што подвлече, инклузивниот процес за креирање на политики и мерки за поддршка на сите граѓани вродил со резултати.

„Годината ја завршивме со вкупни даночни приходи реализирани во износ од 189,8 милијарди денари или 96,7% од проектираните приходи. Директните даноци имаат остварување од 99,5% од планираното. Тука бележиме раст од 2,3% споредено со 2019 година. Да напоменам април-мај се правеа веќе претпоставки за 30, 40, па дури и до 50% пад на вкупните приходи во државата. Исто така, забележан е позитивен тренд од јануари до декември и кај придонесите, кои на крајот на 2020 година изнесуваат 102%, односно 2% повеќе од планираното“, информираше Заев.

Дополнително, како што беше истакнато, вкупните расходи на буџетот во 2020 година се реализирани во износ од 243,7 милијарди денари или 96,4% во однос на годишно планираниот износ. Стоките и услуги се намалени на 85% во ребалансот или помалку за 5% од 2019 година што, како што посочи премиерот, е доказ за штедливост во однос на трошењето на јавните пари.

Заев се осврна и на економските пакет мерки, креирани како одговор на пандемијата предизвикана од Ковид-19.

„Од почетокот на кризата, согласно потребите на граѓаните, креиравме четири пакети економски мерки за поддршка на најпогодените од кризата, за што обезбедивме над 1,2 милијарди евра. Најважно од сé, на економски план се покажа дека борбата за спас на работните места е најправилната и најчовечната економска стратегија. И тоа даде резултат. И во време на пандемија обезбедивме ликвидност и опстанок на компаниите, задржувајќи ги работниците секаде каде што тоа е можно. Тој резултат обезбеди и одржлива домашна потрошувачка, која е најголем процент од бруто домашниот производ“, наведе премиерот и додаде дека сето ова е постигнато благодарение на вклученоста и консултациите на стопанските комори, синдикатите, академската фела и граѓанскиот сектор.

„Само со четвртиот пакет мерки се исплатени плати за над 60.000 работници месечно. Тоа се околу 18 милиони евра месечно, за околу 14.000 фирми и компании. Овие средства се враќаат повторно во стопанството. Со мерките беше обезбедена финансиска поддршка за околу 500.000 наши граѓани кои беа најпогодени со кризата преку директно префрлање средства на нивните сметки. Овие податоци покажуваат дека македонската економија е стабилна, жива и динамична. Не дозволивме потрошувачката да запре. Тоа е можно само ако добро се планира и само ако брзо и паметно се реагира во услови на криза. Ефектите се видливи“, нагласи Заев.

Зборувајќи за плановите и зацртаните цели за 2021 година, премиерот подвлече дека годината што започна е година на економско заздравување.

„За 2021 проектиравме и огромна развојна компонента. Најголем дел од проектираните средства или 83% се расходи наменети за капитални проекти, конкретни проекти коишто живот значат за граѓаните. Тоа значи дека ќе продолжиме да инвестираме во патната и железничката инфраструктура, енергетиката, гасификацијата, градинките, болниците, училиштата и животната средина, комуналната инфраструктура како и во изградба на социјални станови“, наведе Заев и истакна дека како полноправна земја-членка на НАТО, со заштитен македонски идентитет и македонски јазик, продолжуваме по европскиот пат со развојни програми и проекти.

Министерот за финансии Фатмир Бесими, се осврна на економските резултати во 2020 година.

„Позитивниот импакт од реализацијата на мерките се покажа и преку севкупниот економски резултат, така што падот на БДП по високиот пад во вториот квартал кој изнесуваше -14,9% , во третиот квартал значително забави и изнесува -3,3%“, истакна Бесими осврнувајќи се на позитивниот резултат од владините антикризни мерки.

Министерот посочи дека овој пристап кон решавање на кризата дава резултати при што по првичниот удар во првата половина на годината, во четвртиот квартал се отчитува тренд на подобрување.

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Се подготвува новогодишната кошничка: Околу 600 производи еден месец ќе бидат по намалена цена

Годишен раст на зелените кредити од 7,4 % заклучно со септември 2024 година

Конференција „Управување со недостигот на работна сила во одредени занимања во Северна Македонија“