Утрински Весник
Свет

Вакцинациите се вршат на големо во Кина пред кинеската Нова година на 12 февруари

Вакцинациите се вршат на големо во Кина пред кинеската Нова година на 12 февруари

Илјадници жители на Пекинг стојат во ред на студено време за да добијат вакцина против Ковид-19 пред големата миграција за кинеска Нова година, а властите по секоја цена се обидуваат да го избегнат новиот бран на епидемија.

Само во кинескиот главен град, повеќе од 73.000 луѓе ја примиле првата доза на вакцина помеѓу петокот и неделата, објавија медиумите, наведувајќи дека вработените во градските служби и возачите на автобуси биле вакцинирани меѓу првите.

Здравствените власти во четвртокот објавија дека дадоа „условено“ зелено светло за општа употреба за првата вакцина произведена во Кина од „Синофарм“. Синофарм наведува дека ефикасноста на нивната вакцина е 79%.

Во голем парк источно од Пекинг, кандидатите за вакцина треба да пополнат електронски формулар преку својот мобилен телефон во кој се наведува дека немаат контра индикации за вакцината. Потоа се качуваат во автобус што ги носи во привремен центар за вакцинација поставен во паркот. Некои носеа две хируршки маски на лицето.

Без да се чека официјалното одобрување на медицинските власти, Кина веќе почна да вакцинира милиони луѓе од минатото лето, пред се медицинскиот персонал и студентите кои заминуваат во странство и дипломатите.

Најмалку 4,5 милиони дози на вакцина веќе се дадени, соопштија властите минатата недела.

Кина, каде што Ковид-19 се појави пред точно една година, предвидува дека ќе ги забрза вакцинациите со приближувањето на кинеската Нова година, која паѓа на 12 февруари оваа година.

Најголемата миграција во светот обично започнува на тој празник, кога милиони работници ги напуштаат големите градови и одат во внатрешноста за да го посетат своето семејство.

Кинеските железници очекуваат да обезбедат 407 милиони патувања за време на празничниот период од 28 јануари до 8 март.

За да се избегне метеж, воведени се дополнителни возови, а некои универзитети веќе ги затворија вратите за да им овозможат на студентите однапред да се вратат дома. Некои ќе имаат повеќе од два месеци одмор.

Иако земјата во голема мера ја искорени епидемијата, денес се пријавени 33 нови случаи на инфекција, што е највисока бројка за скоро два месеци.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

18 лица загинаа, 50 се водат како исчезнати во бродолом крај Либија

Зеленски: Најмалку 22 загинати во руските напади врз Украина

Туск: Полска може да изгуби повеќе од две милијарди долари поради американските царини