Актуелниот италијански шампион, Јувентус славеше победа против Удинезе во последниот меч од 15 коло во Серија А благодарение на Кристијано Роналдо кој постигна два гола, а имаше и една асистенција во триумфот на „Старата дама“ од 4-1.
А мечот започна со гол за Удинезе, кој по прегледот на ВАР снимката беше поништен. Де Пол играл со рака во 11 минута.
Во 31 минута Роналдо гаѓа неодбранливо за 1-0. Јувентус ја имаше иницијативата, а резултат на тоа е и зголемувањето на водството. Киеза на асистенција на Португалецот носи 2-0 во 49 минута.
Три минути подоцна Јуве стигна и до 3-0, но ВАР го поништи голот, Ремзи играл со рака.
И Удинезе се закани, на двапати ја погодуваа пречката гостинските фудбалери, па следуваше казна.
Роналдо со својот втор вечерашен гол (14-ти гол во Серија А сезонава и 21-ви во сите натпреварувања) во 70 минута носи недостижни 3-0.
Македонскиот фудбалски репрезентативец Илија Несторовски кај Удинезе влезе во игра во 74 минута, но без поголем ефект.
Почесниот гол за гостите од Удине беше дело на Зегелар во 91 минута, по слабата реакција на голманот Шчесни.
Во последните моменти од мечот и Дибала се запиша во листата на стрелци за конечни 4-1.
Сега Јуве е петти на табелата со меч помалку од лидерот Милан и заостанување од цели 10 бода.
> Рутински триумф на Јуве, Роналдо пак ја покажа класата <