Државен инспектор за животна средина и инспектор за земјоделство ги лоцираа парцелите на кои гореа стрништа во Кочанско, а на сопствениците ќе им биде изречена соодветна санкција.
Од Инспекторатот наведуваат дека поради силниот ветер, огновите се приближиле до куќи, лозја, овошни насади и до една бензинска пумпа.
„Покрај загрозувањето на човечки животи и материјална штета, црниот и густ чад од запалениот органски отпад на нивите го загадуваше и воздухот, а саѓите се разнесуваа на голема далечина“, соопшти ДИЖС.
Од таму велат дека казните за физичките лица кои палат стрништа се мали и несразмерни за штетите кои ги причинуваат, а потребна е и едукација за граѓаните и систем за собирање на отпад од нивите, како и посеопфатна контрола.