Со нејзиното објавување на стриминг платформата „Нетфликс“ во декември минатата година, серијата „The Witcher“ за брзо време стана хит и постигна огромен успех. Истата беше создадена врз основа на истоимената игра на полското студио „CD Project RED“ и во моментот се очекува втората сезона која треба да биде објавена догодина.
Изминатава недела, извори од „Нетфликс“ најавија дека платформата работи на нова серија, овојпат базирана на франшизата „The Elder Scrolls“ и дека во нејзиното создавање ќе биде вложувано исто како што беше и во „The Witcher“.
Франшизата за игри „The Elder Scrolls“ на американската компанија „Bethesda Softworks“ се смета за една од најголемите RPG игри во светот во моментот.
Ако гласините се точни, ова ќе биде втора франшиза на „Bethesda“ која ќе стане телевизиска серија, со оглед на тоа што веќе е потврдено дека серијалот базиран на нејзината пост-апокалиптична акција „Fallout“ ќе биде прикажуван на платформата на „Амазон“, Amazon Prime.
Во моментов е познато дека во развој е „The Elder Scrolls 6“, иако засега нема конкретни најави за тоа кога би можело да се очекува шестото продолжение на серијалот. Но, со неговото објавување многу е веројатно дека франшизата ќе доживее пад на популарноста, затоа што се очекува да биде објавена само на Xbox конзулите на „Мајкрософт“, откако во септември студиото за игри „Xbox“ ја купи компанијата „Bethesda“ за 7,5 милијарди долари.
Светот на „старите свитоци“ (Elder Scrolls) е место со многу историја, па нејзината телевизиска адаптација се очекува да биде мошне интересна.
Инаку, „Нетфликс“ веќе развива и аниме-серија базирана на долгонајавуваната игра „Cyberpunk 2077“, која беше лансирана неодамна.