Возачот на „бентлито“ кое влета на скопскиот плошад е Бурим Маслан познат како Бурим Харачина, познат на полицијата, кој што бил осуден со затворска казна за тешки дела разбојништво и загрозување со предизвикување на општа опасност. Лежел затвор и за обид за убиство. И од лани има две кривични пријави за разбојништво и за насилство, изјави денека портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Лани и кај него е направен претрес дома при онаа т.н спектакуларна полициска акција во Грчец и Арачиново кога беше пронајдено нелегално оружје и дрога. Кај него било пронајдено најмалку едно парче недозволено оружје. Овој човек поминува неказнето за илегално оружје, обид за убиство и насилство и затоа дивее низ скопските улици“, посочи партискиот портпарол.
Тој се осврна и на првичната казна која му беше одредена на возачот, во износ од 45 евра.
„Харачина објавува снимки по социјалните мрежи како вози со над 220 на час, лудува меѓу украсите на Петре од 200.000 евра, загрозува пешаци на плоштадот, а Заев и Оливер Спасовски прават маркетинг дека му наплатиле 45 евра“, кажа Стоилковски.
Тој објави подстоци според кои, Харачина нема ниту еден ден работен ден стаж, но, како што рече портпаролот, има за лудување со луксузни возила, да купува нови како „бентлито“ купено пред неколку дена.
„Кој му дава сила и храброст на Харачина неказнето да се однесува како шериф среде Скопје, со толку кривични пријави? Можеби и вчера ќе убиеше некого, ама помина со казна од 45 евра. Вчерашното лумпување е исто предизвикување општа опасност по член 288 од КЗ, особено што е повторување на делото! Па, го штити ли Заев, возачот кој што дивееше со ‘бентлито’“, запраша Стоилковски.