Академијата на науки на Република Чешка (АНРЧ) на 22 декември 2020 година објави на интернет дигитализирана верзија на својата архива за старословенскиот јазик, меѓу другото и огромен речник со над 20.000 одредници и над 840.000 зборовни форми, пренесува агенцијата Мета.мк.
Дигиталниот портал за старословенскиот јазик Горазд (gorazd.org) е достапен на чешки, руски и англиски јазик, а за објавените материјали се достапни и преводи на германски, латински и делумно на грчки јазик.
„Светската експертска јавност со нетрпение го очекуваше објавувањето на Горазд“ – изјавил професорот Штефан Пилат од Одделот за палеословенски и византолошки студии при Институтот по славистика на АНРЧ, објави академијата. Порталот нуди опции за пребарување кои може да се користат и од истражувачи и од лаици.
Покрај дигиталниот речник, објавена е и целата старословенска картотека, која во академијата била чувана на хартија. Таа е дигитализирана и достапна преку анимиран интерфејс преку кој може да се разгледуваат дигитални копии на оригиналните картички. Голем дел од дигитализираните записи се на кирилица, но има и скенирани ракописи на глаголица.
Во соопштението издадено по повод објавата на порталот, чешката академија на науки истакнува дека Горазд е резултат не само на петгодишниот проект за дигитализација поддржан од Министерството за култутра, туку дека претставува дел од наследството на работата на повеќе генерации чешки слависти од Словенскиот институт.
Горазд е името на еден од четирите ученици на Св. Кирил и Методиј кои се вратиле на Балканот по смртта на просветителите во текот на Моравската мисија – преостанатите се Климент, Наум и Ангелариј.
Мисијата претставувала соработка меѓу Источното Римско Царство (подоцна од историчарите наречено Византија) и една од првите словенски држави – Велика Моравија, која опфаќала делови од териториите на денешна Чешка и Словачка. Целта на мисијата било ширење на христијанството на народниот јазик на Старите Словени, кој денес се нарекува старословенски и претставува основа за сите современи словенски јазици.