Утрински Весник
Технологија

„Cyberpunk 2077“ не ги исполни очекувањата, но покажа како ќе изгледаат видео игрите во иднина

Cyberpunk

За првпат објавена во 1988 година од страна на дизајнерот Мајк Пондсмит, Сајберпанк (Cyberpunk) не остана само видео игра, туку премина во своевиден жанр на научна фантастика, сместен во беззаконска субкултура на угнетувачко општество доминирано од компјутерската технологија. Обичен живот и високо развиена технологија, со напредни технолошки и научни достигнувања како вештачка интелгиенција и кибернетика, одреден степен на распаѓање на општеството какво што сега го знаеме и радикална промена во општествениот поредок. Вака може најдобро да се опише дистопискиот футуристички амбиент на сајберпанкот.

После неколку различни изданија во изминатите три децении, вниманието на гејминг индустријата во светот годинава беше насочено кон најновата верзија на Сајберпанк, „Cyberpunk 2077“, креирана и развивана од полската компанија „CD Project RED“, инаку најпозната по серијата на игри Witcher.

Играта беше најавена пред речиси една деценија, во 2012 година, а потоа, од година во година креаторите мошне внимателно откриваа минимални детали и ова, заедно со совршено испланираниот маркетинг, придонесе до тоа „Cyberpunk 2077“ да стане најочекуваната игра, не само за 2020 година, туку и игра на деценијата. Дел од гејминг фанатиците одеа и подалеку, опишувајќи ја најновата верзија на „Сајберпанк“ како игра на сите времиња.

Светлото на денот играта го дочека на 10 декември годинава, кога беше објавена и направена достапна за играње на неколку платформи како Windows, PlayStation 4 и Xbox One.

„Сајберпанк 2077“ е проекција на светот во иднината, футуристичка игра во која играчот е во улогата на платеникот В. (V), кој се вклучува во играта на преживување по темните улици на дистописката метропола наречена Ноќниот град (Night City), каде владеат корумпирани корпорации, едвај држејќи го под контрола будењето на подземјето кое се засилува и доминира сѐ повеќе во човековата потрага по слобода и кое на моменти наликува на анархија. Војната помеѓу различните банди и трговијата со луѓе, пак, неконтролирано се шират наоколу. Целта на играчот е да се пробие во општеството на виртуелната метропола и да преживее.

Night City
Night City / фото: Instagram

Дејствието на играта временски е сместено, практично, по распадот на Америка, при што Night City станува автономна зона во која доминираат банди и мултинационални корпорации. Во оваа метропола се испреплетуваат автопати помеѓу облакодерите и уличните пазари, а секоја површина на улиците е обложена со сексулани реклами и нихилистички графити, додека ултра богатите луѓе се повлекуваат во пештерски хотели и апартмани со потчинета класа на слуги.

Ноќниот град е место на индивидуализам и експресија. Од корпоративна шпионажа и киберпсихоза, па сѐ до лична потрага по преживување која вклучува криза на идентитетот, загуба на саканата личност и потрага по одмазда. Светот на „Сајберпанк 2077“ е посебен и воодушевувачки.

„Овој свет е извонредно достигнување кое сигурно барало исто толку време, труд и волја како и за изградба на една средновековна катедрала“, пишува „Гардијан“.

„Сајберпанк 2077 претставува општество кое ја наградува суровоста, ја искористува ранливоста и апсолутно комерцијализира сѐ, нешто што може да се забележи и денес“, забележува The Verge во својот критички преглед на играта.

Постојат три сценарија со кои може да се започне играта: во првото, главниот лик В. е номад кој го напушта кланот и за првпат се преселува во големиот град; во второто сценарио тој е уличен човек и доаѓа во Ноќниот град после неколку години живеење на други места, а во последното сценарио тој е корпоративец отпуштен од работа во една корпорација. Секоја од овие приказни нуди уникатен вовед во прекрасниот, но истовремено хаотичен свет, со огромен број на воодушевувачки дијалози. Различните приказни не го менуваат општиот заговор во играта или личноста на главниот лик, туку сите три животни патеки се проследени со мрежа на различни авантури на главниот карактер В.

Голема улога во играта има и карактерот- анархист Џони Силверхенд, игран од познатиот актер Кијану Ривс.

Кијану Ривс
Кијану Ривс воо улогата на Johnny Silverhand / фото: Instagram

Она по што „Сајберпанк 2077“ се разликува од другите слични игри е тоа што им дава поголема слободна на играчите при пристапот и начинот на извршување на мисиите. Оние што преферираат акција, можат да си играат со големиот арсенал на достапно оружје, додека другите можат да избегнуваат битки и да напредуваат преку хакирање на камерите и безбедносните системи.

„Сајберпанк 2077 можете да ја играте така што ќе го одржувате конфликтот на минумум преку хакирање на камерите и безбедносните дроиди. Но, тоа би било штета, бидејќи различното оружје, од добропознатите револвери до паметни пушки, е вкусно, а играта со оружјето е одлична. Во една од сцените која се одвива околу неверојатната даши-парада со огромна холографска риба, се добива чувство на научно-фантастичен убиствен филм на Кристофер Нолан“, пишува „Гардијан“.

Изборите кои играчите ги прават имаат фундаментален импакт врз тоа како ќе заврши играта.

Тоа што може да се забележи кај „Сајберпанк 2077“ е и внимателната и длабока креација на карактерот, поткрепена со фантастични вокални перформанси. Одлична механика на играта, со многу добар дизајниран наративен систем, и со структурата на мисиите која е исто така добро обсмислена.

Еден од најважните аспекти при играњето на „Сајберпанк 2077“ е системот на прилагодување и надградба на играчот и неговите вештини. Ситуацијата е дополнително искомплицирана со лесниот пристап до промена на телото преку кибернетски подобрувања, кои го трансформираат човечкото тело во несопирлива машина, притоа непочитувајќи ја природната еволуција, што доведува до разурнувачки резултати.

Cyberpunk
фото: Instagram

Можат да се менуваат способностите на карактерот како севкупната силина на телото, техничкото знаење и начинот на справување со луѓето и со околината. Оваа опција е толку реалистична што различни доктори нудат различни делови за надградба, па затоа се бара од играчот да посети неколку доктори за да дознае што всушност му недостасува. „Сајберпанк“ секако овозможува и надградба на оружјето.

Но, се чини најголемиот дел од работата на креаторите бил насочен кон развој на комплексната приказна. И покрај тоа што се смета за една од визуелно најимпресивните игри, „Сајберпанк 2077“ наиде на големо незадоволство од страна на играчите кои открија дека играта е преполна со грешки, кои варираат од едноставни недостатоци како облеката на карактерите и закочување на екранот, па сѐ до посериозни проблеми како оние при извршувањето на мисиите.

Критичарите во гејминг индустријата велат дека „Cyberpunk 2077“ сепак не е игра на деценијата, нешто на што многумина се надеваа, затоа што има огромни недостатоци без разлика на која платформа се игра. Фановите коментираат дека играта можеби е објавена премногу рано, бидејќи долгото очекување не се исплатило поради добиениот нецелосен продукт.

Играта се соочи и со обвинувања од страна на неколку организации кои тврдеа дека таа може да предизвика епилептични напади.

Од компанијата „CD Project RED“ најавија дека проблемите ќе бидат средени во блиска иднина, а на разочараните играчи им ги врати парите.

„Сајберпанк“ беше најавувана како најдобро напишаната игра на сите времиња, најдобра RPG игра и игра со најдобар визуелен изглед. Таа делумно ги исполни очекувањата, но техничките проблеми е невозможно да се игнорираат со оглед на долгото најавување и возбудата околу нејзиното лансирање.

„Сајберпанк 2077“ на крај сепак може да се опише како фантастична игра со силен идентитет, атрактивна приказна и забавен гејмплеј. И што е најважно, дава насоки и увид во тоа како ќе изгледаат видео игрите во иднина, затоа што достигна нови нивоа во гејминг индустријата кои досега изгледаа недостижни.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

ПРОДАЖБАТА НА ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОМОБИЛИ ВО ЕВРОПА ВО 2023 ГОДИНА ПОРАСНАЛА ЗА РЕЧИСИ 14 ПРОЦЕНТИ

Jana

Новите очила на „Apple“ најверојатно брзо ќе се распродадат

Jana

ЕУ ги казни „Валв“ и пет други компании поради ограничување на продажбата на видеоигри

META