По истекувањето на рокот за писмени и усни забелешки за Нацрт-законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) соопшти оти сега се анализираат коментарите од јавноста, а ќе има и нова серија директни средби со засегнатите страни заради ревизија и усогласување на предлогот.
„На барање на министерот Нуредини, експертскиот тим составен од стручни лица од МЖСПП, експерти кои ја изработуваа Студијата за валоризација, претставници на UNEP и тимот од Меѓународната Унија за конзервација на природата (IUCN), кој е задолжен за изработката на Планот за управување на идното подрачје, во континуитет преземаат теренски активности и во директни преговори со засегнатите страни ги разгледуваат и решаваат прашањата од Нацрт законот кои се од интерес на локалното население, активните стопански субјекти во подрачјето, како и пошироката јавност“, соопшти Министерството за животна средина.
Со директно засегнатите страни се одржани и втор круг средби, односно со градоначалниците и стручните лица на општините Теарце, Врапчиште, Боговиње, ЈП Национални шуми, секторите за ловство, води и шумарство на МЗШВ, ЕЛЕМ Турс ДООЕЛ Скопје и Електрани на Македонија (ЕСМ).
„Заеднички е ставот дека е неопходно дополнително информирање на населението за тоа што ќе значи за нив прогласувањето на Шара за национален парк и можностите за социоекономски развој, подобрување на инфраструктурата – водоснабдување, комунални услуги, патна инфраструктура, можностите за развој на локалната економија преку развој на туризмот и туристичките услуги, но и можностите што се отвараат за користење на меѓународни фондови“, се вели во соопштението.