Утрински Весник
Македонија

На Криволак уништени гранати од Првата светска војна, Владата парично ќе ги награди пиротехничарите

На Криволак уништени гранати од Првата светска војна, Владата парично ќе ги награди пиротехничарите

Втората акцијата за уништување на неексплодираните артилериски гранати 75 мм, пронајдени и отстранети од Битола, кои датираат од Првата Светска Војна, беа уништени денеска во Центарот за воена обука Криволак. Владата, пак, донесе одлука за еднократна парична награда во висина од 30.000 денари за седумте пиротехничари за пронаоѓање, отстранување и уништување на гранатите.

Акцијата за уништување ја спроведуваа пиротехничарите на Дирекцијата за заштита и спасување заедно со пиротехничарите на Министерство за внатрешни работи и на Aрмијата.

Од Владата информираат дека станува збор за досега најголема количина која е пронајдена од 12.300 парчиња на артилериски гранати без запалки, кои ќе се уништуваат последователно во повеќе фази до февруари 2021 година.

Она што е од голема важност, велат од таму, согласно анализите од лабораторијата „АМБИКОН“ при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, детонациите нема да предизвикаат загадување во пошироката околина на полигонот Криволак.

Директорот на Дирекцијата, Беким Максути, истакна дека должност на Дирекцијата, според Закон, е заштита и спасување од неексплодирани убојни средства, што вклучува пребарување, детектирање, уништување на лице место, доколку тоа условите го дозволуваат или транспорт на определена локација, а потоа уништување со строго почитување на безбедносните мерки.

„Работата на пиротехничарите е ценета и вреднувана. За таа цел Владата донесе одлука за еднократна парична награда во висина од 30.000 денари, награда за седумте пиротехничари од Дирекцијата како резултат на нивниот посебен ангажман за пронаоѓање, отстранување и уништување на гранати кои беа пронајдени на 27 октомври во близина на Градскиот стадион во Битола. Акцијата на собирање, складирање и транспорт на истите до полигонот „Криволак“, ја направивме со нашите човечки и материјални ресурси. Кога велам нашите, мислам и на ресурсите на Министерството за одбрана, на Армијата и на Министерството за внатрешни работи, без кои оваа операција ќе беше невозможна. Обединување на сродните служби и ресурси во перспектива ќе придонесе кон градење сеопфатен систем за заштита и безбедност на граѓаните, материјалните добра и природата“, изјави Максути.

Оваа огромна количина на гранати беше пронајдена на 27 октомври годинава за што Дирекцијата врз основа на укажаната потреба достави барање до Министерството за одбрана и за вклучување на пиротехничари на Армијата поради обемноста на активностите за транспорт и уништување на гранатите, а се информирани и меѓународните претставници од ОБСЕ, НАТО и ЕУ во земјава.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Николоски: Од јануари нов пакет од 250 милиони евра владина подршка, општините да подготвуваат нови проекти

Архитектонскиот факултет при УКИМ ќе одбележи 75 години

Ден на Академијата и доделување на признанието „Блаже Конески“ во МАНУ