Премиерот, Зоран Заев, и министерката за образование и наука Мила Царовска, денеска, при посетата на Општина Пустец, Мала Преспа во Албанија, го посетија заедничкото основно и средно училиште „Митре Колефски и Трајан Ѓоргијовски“, каде беше потврдена донацијата која премиерот Заев ја обезбеди преку македонски компании за поддршка на инфраструктурното уредување на училишниот двор и дворот на градинката.
Денеска беа реализирани 15.000 евра од вкупно 30.000 колку што е донацијата. Останатите средства ќе се донираат во февруари 2021 година.
„Чест ми што сум овде, бидејќи ова заедничко основно и средно училиште е реновирано со поддршка на Владата на Република Северна Македонија како резултат на заклучоците на заедничката седница со Владата на Албанија што се одржа во Поградец во 2018 година. Реализацијата на оваа иницијатива дојде со покажаната добра волја од страна на Владата во Тирана која прифати во реконструкцијата на 33 основни и средни училишта во Албанија, да биде вклучено и заедничкото основно и средно училиште во Пустец, во кое наставата се изведува на македонски и на албански јазик’, рече премиерот .
Денеска, додаде Заев, со нас донесовме одреден број книги од кодификаторот на современиот македонски јазик Блаже Конески, како и одреден број учебници кои можат да претставуваат дополнување на наставата во заедничкото основно и средно училиште во Пустец.
„Со поддршка на Владата и на нашето Министерство за образование и наука ќе ја поттикнеме и поддржиме непосредната соработка на македонските друштва во Албанија и на образовниот кадар по македонски јазик во училиштата од Мала Преспа со Институтот за македонски јазик Крсте Петков Мисирков, со Советот за македонски јазик, со Меѓународниот семинар за македонски јазик и со Филолошкиот факултет при Универзитетот во Битола, за организирање семинари и обуки на наставниците кои држат настава по предмети на македонски јазик“, рече Заев.
Тој најави започнување на постапка за отворање на почесен Конзулат во Корча, во текот на 2021 година, подвлекувајќи дека тој ќе биде од особена важност и ќе претставува нова алка од повеќекратно значење за Македонците кои живеат во овој дел од Република Албанија.
Министерката за образование и наука Мила Царовска најави потпишување на договор за соработка со Република Албанија во делот на образованието.