Бројот на нови инфекции и смртни случаи од коронавирус во Хрватска е сè уште многу голем, изјави денеска премиерот Андреј Пленковиќ.
Toj за утре најави пакет нови мерки за спречување на ширењетo на коронавирусot и предупреди дека ниту една мерка не може да биде успешна без соработка на сите граѓани.
„Да го одложиме дружењето за неколку недели и покрај празниците. Вирусот не е она што би сакале да им го подариме на нашите најблиски“, рече премиерот на отворениот дел од владината седница.
Тој процени дека ќе бидат потребни уште шест месеци за да се олеснат мерките, се додека не пристигне вакцината и не биде вакцинирано мнозинството од населението.
Хрватскиот премиер како охрабрувачки го оцени фактот што во последните седум дена биле заразени 6,5 отсто помалку луѓе.
Сепак, според денешните бројки кои ги пренесоа хрватските медиуми, по се изгледа дека нема многу простор за олабавувње.
Имено, како што пишува „Индекс“, во последните 24 часа во Хрватска се регистрирани 3.918 случаи на коронавирус, на преки 12.000 тестови. Починати се 85 лица, што е намалување во споредба со вчерашните 92 смртни случаи, рекордни од почетокот на пандемијата.
Според хрватските медиуми, по ваквите високи дневни бројки властите размислуваат за одлука да го забранат движењето меѓу жупаниите. Таа мерка би била, како што се наведува, на сила од вторник, 22 декември, и се очекува официјално да биде објавена во петок.