Утрински Весник
Култура

Радован Павловски – добитник на повелбата „Блаже Конески“ за 2020 година

Радован Павловски – добитник на повелбата „Блаже Конески“ за 2020 година

Поетот и академик Радован Павловски е добитник на Повелбата „Блаже Конески“ што на секои пет години ја доделува Друштвото на писатели на Македонија.

Пред пет години Друштвото на писатели на Македонија ја започна традицијата за доделување на Повелба со името на нашиот најистакнат книжевник и лингвист – Блаже Конески. Повелбата се доделува за врвни творечки остварувања од парадигматски карактер, што оставиле трајни белези во развојните процеси на македонската литература и што имаат значајни проблесоци во литературните и културни центри во Европа и во светот. Прв добитник во 2015 година беше поетот и академик Матеја Матевски.

Годинашен добитник е Радован Павловски, еден од најпреведуваните и најнаградувани македонски поети. Согласно условите диктирани од пандемијата, Друштвото на писатели на Македонија, Повелбата на Павловски свечено ќе му ја врачи во септември 2021 година во Небрегово, родното место на Конески. Во меѓувреме ДПМ го подготвува и првиот број од ревијата „Стожер“ за следната година, во која лице во фокус е токму Радован Павловски.

Акад. Радован Павловски е поет, есеист и патописец. Роден е на 23 ноември 1937 година во Ниш, Србија. Неговото семејство во 1940 година се враќа во Железна Река. Тука го завршил основното образовани, а средното во Гостивар. Студирал право и литература на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Во 1955 година се огласува со песни од Железна Река во весникот „Млад борец“ и во списанието „Млада литература“. Својот живот го посветува на поезијата, која ја твори повеќе од шест децении. Првите поетски објави му датираат од 1952 година, а веќе од летото 1955 година целосно се определува за светот на поезијата создавајќи ги првите песни од збирката „Суша, свадба и селидби“.
Член е на Друштвото на писатели на Македонија, на Македонскиот ПЕН центар, а бил член и на Сојузот на писателите на СФРЈ. Во 2006 година е избран за редовен член на МАНУ.

Добитник е на наградите „Браќа Миладиновци“ (1965, 2002), „11 Октомври“ (1971), „Кочо Рацин“ (1975), „Повелба на печалбарите“ (1990), „Гоцевата повелба“ (1991), „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга (1995 и 2014), Жезолот на ДПМ (2002) и Благодарница од Струшките вечери на поезијата за унапредување и развој на поетскиот фестивал (2011). Американскиот биографски институт го прогласи за Личност на годината за 1997 како „еминентна личност наведена во меѓународно и национално признати биографски дела“.

Радован Павловски е добитник на светското признание за животно дело за 1998 година (АБИ – САД). Во тринаесеттата едиција – интернационалното издание „Кој е кој меѓу интелектуалците“ од Интернационалниот биографски центар со седиште во Кембриџ, Англија, во 1999 година е објавена детална биографија и библиографија на акад. Радован Павловски. Во континуитет во изминатите шест децении тој е еден од најпреведуваните македонски поети во светот.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“