Утрински Весник
Култура

Промоција на книгата „Сегде божева je хубавина“ од  Гоце Ристовски

Промоција на книгата „Сегде божева je хубавина“ од  Гоце Ристовски

Денес напладне, во НУ библиотека „Гоце Делчев“ во Штип, ќе биде промовирана книгата „Сегде божева je хубавина“ од Гоце Ристовски, објавена со финансиска подршка на Министерството за култура во рамките на годинашнава програма за проекти од национален интерес. За делото ќе говори проф. д-р Трајче Стојанов. Промоцијата ќе биде реализрана според здравствените протоколи, со ограничен број на посетители.Овој настан е во чест на роденденот на револуционерот и поет Ацо Шопов (20 декември, 1923 година, Штип).

Шопов е еден од основоположниците на современата македонска книжевност. Неговата прва збирка Песни (1944) e првата книга на македонски јазик објавена во слободна Македонија. Шопов бил претседател на Друштвото на писателите на Македонија и негов член од основањето во 1947 година, прв претседател на Советот на фестивалот Струшки вечери на поезијата, претседател на поранешниот Сојуз на книжевните преведувачи на Југославија, претседател на Сојузот на писателите на Југославија, член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) од нејзиното основање (1967), член на Македонскиот ПЕН центар, претседател на Републичката комисија за културни врски со странство. Ацо Шопов работел и како амбасадор на СФРЈ во Сенегал (1971 – 1975), а бил и прв директор на издавачката куќа „Кочо Рацин“, долгогодишен директор на издавачката куќа „Македонска книга“, како и уредник или главен и одговорен уредник на списанијата: „Нов ден“, „Млад Борец“, „Иднина“, „Современост“, „Хоризонт“ и сатиричниот весник „Остен“.

Манифестацијата која се одржува секоја година е под наслов „Во чест на поетот“. Истата со изменета содржина се организира од 1985 година, само три години по смртта на поетскиот великан Ацо Шопов. Организаторот на Манифестацијата НУЦК „Ацо Шопов“, од пред неколку години одлучи да доделува Признание на институции и поединци кои дале свој придонес во афирмацијата и популаризацијата на ликот и делото на Ацо Шопов.

Досегашни добитници на Признанието се: Институтот за литература при УКИМ –Скопје, Друштвото на писателите на Македонија, поетот Михаил Ренџов, поетот  Ристо Лазаров, скулптурот Александар Смилков (постхумно), скулптурот Васил Василев и други  Годинава Признанието се доделува на библиотеката „Браќа Миладиновци“ од Скопје.

Во пригодната програма ќе  учествуваат: Горѓе Устапетров, претседател на Управниот одбор на НУЦК „Ацо Шопов“, ученичките Ева Гегова и  Нела Гегова  како и балерините од  балетското студио раководено од Елизабета Колевска.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“