Утрински Весник
Македонија

На Криволак почна уништувањето на 12.700 бомби пронајдени во Битола

На Криволак почна уништувањето на 12.700 бомби пронајдени во Битола

Пронајдените 12.700 бомби од Првата светска војна во Битола, од денеска се уништуваат на Криволак. Министерството за одбрана информира дека побарале прелиминарна проценка на емисиите на суспендирани честички од детонирање на експлозии, од лабораторијата АМБИКОН при Универзитетот Гоце Делчев од Штип.

Анализата, предводена од проф. д-р Дејан Мираковски, извршена со користење на емисиони фактори, покажала дека детонациите нема да предизвикаат промена во квалитетот на воздухот во пошироката околина на полигонот Криволак.

Уништувањето ќе се врши постапно во 4 термини овој месец – на 15, 18,22 и 23 декември, и уште неколку термини во јануари 2021 година.

„Имајќи ја предвид дневната динамика на планот за постапно уништување на бомбите и количината која ќе се уништува во таканаречени фугаси (дупки за уништување на мините) анализата на лабораторијата при Универзитетот во Штип покажа дека емисијата на цврсти честички ќе биде помала од емисијата која се добива од согорување на 60 m3 дрва, количина која во една грејна сезона се користи за загревање на десетина домаќинства, и нема да има штетно влијание на пошироката околина на Полигонот“, информираат од Министерството за одбрана.

Во продолжение го пренесуваме заклучокот од анализата на Универзитетската лабораторија АМБИКОН:

„Количината на суспендирани цврсти честички која се ослободува при детонација на еден тон TNT, според базите на емисиони фактори дефинирани во збирката на Американската Агенција за заштита на животна средина, како и oд Прирачникот за процена на емисии при детонација на експлозиви ( Влада на Австралија), изнесува 93 kg.

Со планот е предвидено дневно да се иницираат (уништат) од 1900 до 2000 гранати, со експлозивно полнење од 0,5 kg или вкупно околу 1050 kg експлозив (заедно со иницијаторското полнење), што резултира со очекувана емисија на околу 98 kg суспендирани цврсти честички. За споредба, согорувањето на околу 10 m3 огревно дрво во класични ложишта, резултира со вкупна емисија на околу 100 kg суспендирани цврсти честички, што е количина на огревно дрво која се согорува на дневно ниво, во населба не поголема од стотина куќи кои се загреваат со овој енергенс.

Следствено, вкупната емисија на суспендирани цврсти честички од процесот на уништување на сите експлозивни средства во текот на наредните два месеци (околу 586 kg), е нешто помала од емисијата која се добива од согорување на 60 m3 дрва, количина која во една грејна сезона се користи за загревање на не повеќе од десетина домаќинства.

Од тука, а имајќи го во предвид временскиот распоред на активностите кои се изведуваат на растојание од неколку дена до неколку недели (во зависност од временските услови), како и локацијата на уништување која е значително оддалечена од населени места или јавни површини, слободно може да се констатира дека значителна промена на квалитетот на воздухот во пошироката околина на полигонот Криволак, а како резултат на планираните активности, не би требало да се очекува“.

 

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

ОД ОВОЈ ПЕТОК НИ ДОАЃА ЛАДНИОТ ЦИКЛОН: Ќе ни донесе многу дожд, снег и голема снежна покривка!

Свечен настан за 30 години дипломатски односи и цврсто македонско-јапонско пријателство

Николоски: Од јануари нов пакет од 250 милиони евра владина подршка, општините да подготвуваат нови проекти