Демократскиот сојуз е загрижен поради одлуката на Основниот граѓански суд во Скопје да им ги одбие тужбите на новинарите кои известуваа од организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година.
Од партијата велат дека наместо да ги заштити правата на новинарите слободно и непречено да известуваат од важни настани, судот со оваа пресуда директно ја повредува слободата на изразување и информирање, одбивајќи да прифати дека таа беше флагрантно загрозена во текот на физичкиот упад на демонстрантите во Собранието.
Демократскиот сојуз смета дека е апсурдно судот да бара од новинарите да докажат дека во Собранието упадна толпа демонстранти која физички им се закануваше на пратениците, политичките претставници и новинарите, односно дека на 27 април имало организирано демонстрации пред Собранието.
„Благодарение токму на ТВ снимките и известувањето на новинарите од овие настани, целата македонска јавност можеше да го види тоа, вклучително и докази дека новинарите беа физички загрозени и спречени да известуваат. Судот дополнително ги дискриминира новинарите со тоа што од нив бара да докажат нешто што претходно Кривичниот суд веќе го има утврдено во процесот против учесниците во упадот во Собранието, кои се осудени на затворски казни поради физичкиот напад врз пратеници и високи политички функционери. Тоа што новинарите успеале да спасат жива глава и немале физички повреди е срамен изговор судот да го одбие нивното барање за утврдување штета. Известувањето на новинарите од овој настан и психичките трауми кои тие ги доживеаја заслужуваат највисока почит, дотолку повеќе што нивната работа е од исклучителна важност за информирањето на граѓаните и за демократијата во Македонија“, велат од ДС.
Демократскиот сојуз очекува Апелацискиот суд да ја преиначи оваа скандалозна одлука и го повикува Судскиот совет да покрене постапка против судијата кој очигледно одбил правилно да ја утврди фактичката состојба. Само така, велат од Демократскиот сојуз, граѓаните ќе бидат сигурни дека новинарите ќе можат непречено и слободно да информираат, без физички да бидат загрозени и само така ќе може да се врати вербата во одговорно и професионално судство кое треба да биде вистински заштитник на демократијата и слободата на изразувањето.