Oд ВМРО-ДПМНЕ јавно прашуваат што содржи нон-пејперот кој преговарачот Бучковски вчера му го предал на бугарскиот премиер Бојко Борисов и од која институција во државата бил одобрен истиот.
„Дали за тој нон-пејпер Заев ја информирал Владата или претседателот на државата? Какви се тие гаранции кои Заев му ги дава на Бојко и што содржат? Овие прашања заслужуваат одговор, особено ако се знае дека Зоран Заев ја понижи Македонија и македонскиот народ, тргувајќи со идентитетот, историјата и јазикот“, сметаат од опозициската партија.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека залудни се ненадејните изблици на лажен патриотизам кај Заев, сега кога Македонија го доби ветото, бидејќи само пред неколку недели велел дека е блиску до договор со Бугарија во кој, според партијата, на маса била и придавката „македонски“.