НБА лигата неодамна на речиси 300 страници ги објави упатствата и протоколите за однесувањето на сите вклучени во новата сезона која започнува на 22 овој месец. Многу од нив се уште построги за разлика од оние во „меурот“ на Флорида, каде се играше завршницата на минатата сезона.
Една од промените е задолжително носење на заштитна маска на сите тренери во текот на мечот.
„Тренерите не смеат да ја спуштат маската почесто од што е потребно за да можат да ги вршат потребните должности“ стои во правилникот.
НБА и Здружението на тренери ги утврди и другите одредби – тренерите нема да мора да носат одела, ќе можат да се појават на паркетот и во поло маици, но никако не смеат во тренерки.
Пред рестартот на минатата сезона во Орландо во НБА лигата посебно беа загрижени за тренерите во лигата од кои некои се и над 60 години, па спаѓаат во ризична група на коронавирусот.
Легендарниот Грег Попович од Сан Антонио со 71 година е највозрасен меѓу активните тренери. Тој во „меурот“ носеше маска во текот на целиот меч, но ја спушташе почесто од што правилата сега ќе му дозволуваат.
> Нови Ковид правила – НБА тренерите не смеат без маска на паркетот <