Утрински Весник
Македонија

Царовска до средношколците: Матурата ќе се одржи со низа мерки и протоколи и полагањето ќе биде безбедно

Министерката за образование и наука Мила Царовска денес се сретна со претставници на Сојузот на средношколци.

На состанокот се разговарало за претстојното полагање на матурата, програмите и начинот на којшто ќе се организираат испитите.

Министерката истакнала дека ставот на МОН е оти државна матура треба да има како и во сите останати европски држави и држави од регионот.

„Образованието мора да продолжи да тече дури и во овие услови, бидејќи се работи за иднината на младите генерации. Ние нема да дозволиме пандемијата да се одрази на нивниот развој и нивниот напредок. Иако оваа година сите се соочуваме со нови предизвици, мора да обезбедиме континуитет во образовниот процес. Имаме шест месеци да се подготвиме за државната матура, што е повеќе од доволно за нејзино организирање“, истакнала министерката на средбата.

„Разбираме дека постои страв и несигурност кај средношколците во однос на безбедноста и самиот процес на подготовка. Но, работиме во вонредни услови, подготовките веќе течат. Првата одлука која ја донесовме е да ги скратиме програмите по кои ќе се одржуваат испитите, со цел полагањето да биде ефективно и организирано“, додала Царовска.

Средношколците на средбата биле информирани дека МОН преку Државниот испитен центар веќе ги известило секретарите на училиштата и наставниците за новините во државната матура: датумите на полагање, листата за избор на предмети, проширената листа на екстерни предмети за гимназиско образование со информатика и географија, новата програма за проектна задача, внесот на податоци во база, како и сите рокови при реализација на државната матура.

Царовска посочила дека ќе се најде начин како полагањето да биде безбедно.

„Работиме на креирање систем кој ќе им помогне на средношколците да се подготват и да постигнат високи резултати на државната матура, кои ќе им бидат основа за понатамошно нивно надградување“, додала министрката.

На состанокот била најавена и целосно нова концепција за државната матура којашто ќе се применува од 2021/2022 година, а во чија изработка ќе бидат вклучени и наставниците и средношколците.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег